More

    Ковачевски на средба со студенти од Харвард и МИТ: Македонија е кредибилен партнер на НАТО и ЕУ, со огромни потенцијали за младите

    Промоција на демократските вредности, различните култури и потенцијали на Северна Македонија, размена на искуства и можност за заеднички проекти беше темата на која денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски дискутираше со магистранти и докторанти на универзитетите Харвард и Масачусетс Институтот за технологија во САД.

    На средбата присуствуваа и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и советничката за дигитализација, Маја Ангеловска.

    Посетата на студентите на Северна Македонија е поддржана од земјите на Отворен Балкан, во рамките на таканаречената студиска посета „Балкан Трек”, а освен државава, тие ги посетуваат и Србија и Албанија во периодот од 18 до 26 мај.

    На средбата, премиерот Ковачевски потенцираше дека нашата држава, како и регионот има огромни потенцијали за можности за вработување посебно за младите, во меѓувреме нудејќи можности за инклузивен, транспарентен развој и вработување врз основа на квалитет и знаење со што се стимулираат и директните инвестиции.

    Република Северна Македонија, како што истакна премиерот, се докажа како кредибилен партнер на ЕУ и НАТО, придонесувајќи кон зајакнување на регионалната соработка и градењето на светскиот мир.

    Како земја членка на НАТО, потенцираше премиерот, Северна Македонија е посветена на регионална соработка, а заштитата на сигурноста и стабилноста на Западен Балкан за нашата држава е приоритет.

    Говорејќи за евроинтеграцискиот процес на земјава, премиерот Ковачевски оцени дека иницијативите, како Отворен Балкан, имаат огромен потенцијал во подобрување на економската состојба на Западен Балкан и дека очекува посилна регионална соработка како гарант за мирот и стабилноста во Западен Балкан.

    При тоа, тој нагласи дека за Северна Македонија, духот на добрососедството и зајакнатата регионална соработка се еден од столбовите на надворешната политика, која почива на принципите на дијалог и компромиси.

    Студентите, на средбата се интересираа за економскиот раст на Северна Македонија, како и борбата со дезинформациите и евроинтеграцискиот процес.

    Во рамките на „Балкан Трек”, студентите кои доаѓаат од 17 земји, се среќаваат со највисоки државни претставници на институциите во земјите од Отворен Балкан, а имаат и средби со млади лидери, истовремено запознавајќи се со туристичката, културна и гастрономска промоција на земјите.

    Патувањето на студентите е поддржано од иницијативата Отворен Балкан. Исто така, во рамки на посетата, посебен акцент се става на младите од Северна Македонија и во тој контекст се организира вмрежување меѓу 50-те најперспективни млади од Северна Македонија и студентите од Харвард и Масачусетс Институтот за технологија.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version