More

    Костадиновска-Стојчевска: Со манифестацијата „Град на културата“ Крушево го проектираме на европската мапа како културен центар

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствуваше на отворањето на манифестацијата „Град на културата“ во Крушево, за кој рече дека е град со силен печат за македонскиот идентитет, историја и култура.

    -И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители. Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност. Да се биде „Град на културата“ не е само титула, тоа е можност да се прикаже
    уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Министерката додаде дека во текот на оваа година Крушево нема да биде само дестинација за спортистите и авантуристичкиот туризам.

    -Ќе биде и културен град во кој посетителите ќе бидат сведоци на многубројни настани, претстави, концерти, изложби и културни искуства кои ќе остават трајно влијание врз сите учесници од различни возрасти. Од уметнички инсталации и театарски продукции до музички фестивали и литературни собири, програмата за „Град на културата“ ќе биде прослава на креативноста во сите нејзини форми. Крушево, и преку оваа програма, само го потврдува фактот дека токму тука
    најавтентично се допира до големината на Мартиновски и на Тоше, до Васил Иљоски, крушевската куќа, крушевските гастрономски специјалитети, Крушевската Република. Крушево е град музеј, овде се среќаваат вековни традиции и траги на крушевските трговци, прочуени низ светот, на револуционерното минато, објекти и колекции од оваа колепка на уметностите и занаетите. Крушево и во поновата историја продолжува да ја збогатува сликата за својата посебност користејќи ги сите свои ресурси и ретките природни убавин, кажа министерката за култура.

    Exit mobile version