More

    Европеизирање на русифицираната бугаризација

    Северна Македонија денес е во комплетно друга позиција и токму затоа за членство во ЕУ зборуваме со ЕУ, а билатералните предизвици инсистираме да ги решаваме билатерално. Рековме дека тоа така ќе биде и така треба да остане. Така треба да се гледа и на пораката на премиерот од Рејкјавик во одговор на нападите од Јотова/Радев. Билатерално решавање на заедничките предизвици без сето тоа да има влијание на процесот на преговори со ЕУ.

    Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

    Нештата секогаш може да интерпретираат од аголот на гледањето на работите и да се ставаат во рамката која однапред сме ја одредиле, но нивното именување, по правило, никогаш не може да биде предмет на импровизација. Бобот е секогаш – боб, а попот – поп.

    Според таа логика толкувањата дека изјавите на премиерот Ковачевски коишто дојдоа како реакција на изјавите и постапките на бугарскиот лидерски двоец Радев/Јотова, се спротивни, односно контрадикторни на инсистирањето и упорното застапување на претседателот на македонската Влада опозицијата да ја прифати иницијативата за уставни измени, се погрешни толкувања. Или, ако се дилеми, тогаш се неосновани.

    Од друга страна, некој ќе рече дека на провокациите на бугарскиот лидерски врв не мора да се возврати со иста реторика. Но пред тие провокации мора да се постави огледало за да се видат, да се препознаат, и да ја рефлектираат сликата за провокацијата кон сите засегнати страни во пристапниот процес на Северна Македонија за членство во ЕУ.

    За да се види дека јазикот на бугарските провокации не е јазик на Европа. Дека бугаризирањето треба да се европеизира.

    Ако Бугарија наметнува прашања кои немаат ништо заедничко со Копенхашките критериуми за исполнување на условите што една земја кандидат за членство во ЕУ каква што е Северна Македонија треба да ги исполни, тогаш тоа е прашање на сите вклучени во процесот: Институциите на Брисел и сите земји членки на ЕУ. Во случајот на нашата земја треба да се додаде и САД кои многу јасно ставија до знаење дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во светлината на новите геостратешки поместувања заради Русија и војната во Украина, не смее повеќе да се одлага.

    Заради тоа заканата од Софија „ако Северна Македонија сака да биде членка на ЕУ мора прво да ги внесе Бугарите во Уставот“ е ултиматум што мора сите да го препознаат, иако, парадоксално, станува збор за ќор-фишек ултиматум бидејќи внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е процес во тек. Затоа Радев доби таков одговор: „Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав“.

    Но треба да е јасно, провокациите кои ги сведочиме ќе траат додека не се направи политичка Влада во Бугарија. До тогаш, празнината која е создадена заради неможноста да се формира стабилна политичка влада, е податлива атмосфера за неодговорни изјави и провокации. Политички вакуум во кој најлесниот наратив е националистичкиот. Најлесна алатка е поларизацијата, најлесно е да се зборува за минатото, особено од структури кои не сакаат да го видат Балканот во ЕУ.

    На Бугарија допрва и претстои прочистување од руското влијание и инсталации, кои лично Кирил Петков ги искуси уште додека беше премиер и кога се соочи со Радев и неговиот став дека Бугарија не треба воено да ја помага Украина зашто тоа „ќе ја продолжи војната“(?!?!).

    Како и да е, актерите на русифицираната бугаризација кои го попречуваат пристапувањето на земјите од регионот, односно на Северна Македонија во ЕУ, полека ќе си го добијат местото на историските маргини.

    За тоа време, фокусот треба да го вратиме на суштината, без разлика на сите обиди за замаглување и опструирање на патот до целта. Што значи тоа?

    За Северна Македонија не треба да има дилема за тоа кои се следните чекори и што треба ние да направиме и како да постапуваме на нашиот европски пат.

    Освен домашната работа со уставните измени, треба да биде јасно дека ние преговараме со ЕУ, не преговараме со Бугарија. Со Бугарија го затворивме дијалот со прифаќањето на преговарачката рамка во која една од обврските е вклучување Бугарите покрај Хрватите, Црногорците, Евреите итн, во уставот. И тука се затвора таа дискусија. За да влеземе во ЕУ, ние мораме да ја следиме преговарачката рамка, таа сме ја прифатиле и таа треба да ја исполниме.

    Само две недели откако ова беше јасно дека произлегува од „францускиот предлог“, Софија и Скопје го потпишаа Протоколот за соработка, со кој јасно се издвоија прашањата кои спаѓаат во делот на билатералните односи. Вклучувајќи ги и сите ненапишани провокации за кои беше јасно дека ќе следуваат, сите дополнителни прашања кои се отвораат со Бугарија. Сето тоа е предмет на билатерални дејствувања. Тоа така треба да остане, и воопшто не е противречно со преговорите со ЕУ.

    Има голема разлика од отприлика ова време пред една година и денес. За време на преговорите, пред да ја прифати преговарачката рамка, Северна Македонија не седеше на истата маса со сите останати. Ние тогаш преговаравме и се боревме да добиеме што подобри позиции, за да седнеме на масата.

    И успеа. Северна Македонија е напреговарачката маса со ЕУ, не со Бугарија и тоа со заштитени идентитетски позиции: Потврден и заштитен македонски јазик и идентитет, внесен во европското законодавство со првиот договор со ЕУ, оној за Фронтекс, потпишан на македонски јазик и на сите останати 25 јазици на ЕУ, вклучувајќи го и бугарскиот.

    Северна Македонија ја потврди посебноста на македонскиот јазик, неговиот корен и неговата самостојна историја и развој, а не само како уставна категорија. Се избори, односно Владата се избори за тоа дека македонскиот јазик е исклучиво внатрешно прашање и во согласност со меѓународното право не може да биде предмет на (не)признавање од која било друга држава или меѓународна организација. Оттаму сите држави на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, го прифатија македонскиот јазик како дел од личната идентитетска карта на државата во ОН.

    На тој начин не беа доведени во прашање придобивките од Преспанскиот договор, бидејќи Северна Македонија е можна само заедно со македонскиот идентитет и со македонскиот јазик, кои таму, во еден меѓународен договор под покровителство на ОН, се недвосмислено запишани како во камен.

    Денес, година дена подоцна после јулските настани кога издиша бесмислениот отпор на Левица/ВМРО-ДПМНЕ, Северна Македонија седи на масата за преговори, на местото за кое се изборивме и наспроти нас ги имаме претставниците на ЕУ во првиот дел од отворените преговори. Нашите тимови се секојдневно во Брисел, скринигот тече одлично.

    Наспроти сите провокации и удари на процесот, тоа е единствено важно.

    Северна Македонија денес е во комплетно друга позиција и токму затоа за членство во ЕУ зборуваме со ЕУ, а билатералните предизвици инсистираме да ги решаваме билатерално. Рековме дека тоа така ќе биде и така треба да остане. Така треба да се гледа и на пораката на премиерот од Рејкјавик во одговор на нападите од Јотова/Радев. Билатерално решавање на заедничките предизвици без сето тоа да има влијание на процесот на преговори со ЕУ.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version