Последни написи

Слобода на медиумите: Политиката ги поддржува медиумите со изјави, a прави спротивни дејствија

Пишува: АРТА ТАХИРИ

На Денот на слободата на медиумите, 3 мај, социјалните мрежи беа преплавени со бројни честитки од политичките партии, кои изјавија дека се за поголема слобода на медиумите, што подразбира овозможување на соодветни услови и општествено-политички амбиент, во кој новинарите би ги извршувале своите професионални обврски. Многу политичари ветија дека ќе бидат партнер на медиумите и новинарите и дека ќе бидат транспарентни и со отворени врати за нивниот интерес.

Но, вон декларативното ниво, партиите со конкретни дејствија честопати докажуваат дека не се многу за либерализирање на медиумите, користејќи различни начини да влијаат врз нив. Што изјавуваат партиите од власта и како се однесуваат во политичката реалност? Како ги третираат медиумите и дали се мрзливи да одговорат на тешки прашања? Дали ги бојкотираат телевизиските дебати? Дали партиите имаат информативни портали во свои раце?

Политичките партии со изјави на поддршка за слободата на медиумите

На Меѓународниот ден на слободата на медиумите, премиерот Димитар Ковачевски, кој е и претседател на најголемата партија на власт, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, порача дека „Слободата на изразување е двигател на сите други човекови права. Овозможува дијалог, гради разбирање и го зголемува јавното знаење, придонесува за аналитичност на одлуките што ги носиме и води до подобри политики“.

Демократската унија за интеграција изрази „длабока почит кон сите медиумски работници, кои се мисионери на правично информирање на граѓаните, нивниот глас на транспарентност и критичко размислување е суштински предуслов за развојот на земјата“. Дури, од партијата на Ахмети тврдат дека вратите на ДУИ отсекогаш биле и остануваат „отворени за секој новинар и медиумска куќа“.

Алијансата за Албанците изјави дека „Сите ние, како граѓани на оваа земја, носители на јавни функции, претставници на институции, носители на различни професии, сме должни да ја поддржуваме и заштитиме слободата на медиумите и да обезбедиме новинарите да ја известуваат вистината без цензура и страв од какви било последици“.

И партијата Алтернатива изјави дека „докажала дека ја почитува оваа вредност до крај и се залага и другите да се ангажираат за нејзино почитување, заштита и афирмација“.

Објективно, мора да се признае дека по падот на Владата на Груевски, власта и институциите покажаа поголема транспарентност, што подразбира и подобра комуникација со јавноста. Ова го потврдува и извештајот на меѓународната организација „Репортери без граници“, во кој Северна Македонија е на 38 место по слобода на медиумите од 180 рангирани земји, што значи дека состојбата е помалку или повеќе добра или задоволителна. Во 2016 година државата беше на 118 место.

Сепак, односите меѓу владата и медиумите се далеку од одлични.

Власта со уста полна слобода, но со функционери кои се конфронтираат со новинари

Каква е вистината? Политичките партии на власт се чини дека се за слобода на изразување и слобода на медиумите, сè додека не им се нарушува политичката позиција и не се поставуваат „тешки“ прашања, кои се сосема легитимни и во име на јавноста.

Самиот премиер Ковачевски во јануари годинава изрази квалификации за уредувачката политика на некои медиуми. „Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чија уредувачка политика повеќе наликува на политиката на една компанија која тргува со енергенси, а има и медиум чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, изјави тој – прашан за коментар за изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во контекст на длабоките внатрепартиски поделби, гласно изнесе заклучок, етикетирајќи две телевизии како непријатели на Албанците. „Кому му служиме со овие движења што се прават, се разбира на непријателите на Албанците, тие аплаудираат. Алфа, Телма, Мелма“, кажа Ахмети на партиски митинг.

Конфронтации со новинари имаа и двајца владини министри. Првиот вицепремиер Артан Груби на 8 март годинава одби да му одговори на новинарот на ТВ Телма, кој му рече дека „забегал“ со одговорите за фирмата „Ептиса“. Груби побара од новинарот да му се извини. Откако не го кажа јасно извинувањето, Груби бараше од новинарите да му постават други прашања, чувствувајќи се навреден од колегата од Телма.

На една прес-конференција на 14 декември минатата година, министерот за економија Крешник Бектеши на прашање на Алсат зошто не се случува замрзнување на цените, даваше лекции по новинарство. Наместо директно да одговори, Бектеши рече „Одлично прашање, секој има потреба од протагонизам и тоа вчера беше протагонизам (случајот со новинарка на Канал 5), сигурно и ова денес. Но не е проблем, тука сме да им одговараме на граѓаните, директно, отворено“.

Ден претходно, на прашање на Канал 5 зошто земјава го плаќа гасот поскапо од цените на берзите, министерот Бектеши возврати со тврдење дека новинарите поставуваат прашања во координација меѓу себе, алудирајќи дека се работи за тема на ТВ Телма, која, според него, е во блиски односи со Макпетрол, кој не го добил тендерот за гас.

Политиката често ги бојкотира дебатите, новинарите се соочуваат со затворени врати и телефони

Покрај овие, не се ретки случаите кога новинарите наидуваат на затворени врати на институциите и нивните раководители или претставници, дури и кога не им се поставуваат прашања што ги „фаќаат во тесно“!

Се случува и портпаролите на партиите или институциите да не креваат на телефоните или да не одговараат на телефонските пораки на новинарите. Во меѓувреме, не е мал бројот на институции кои немаат портпароли, или можеби имаат „гласноговорници“ од посебен тип, кои се платени, а не се појавуваат во јавноста.

Веќе е јавна тајна дека политичките партии во директна и индиректна форма „поседуваат“ бројни портали кои ги финансираат нетранспарентно и преку разни несистемски начини.

Се случува токму политичките партии кои зборуваат за слободата на медиумите тивко да бојкотираат одредени медиуми, одбивајќи да учествуваат во дебати или да поставуваат услови за учество, во стилот „не сакаме со оваа или онаа партија“, „не сакаме со овој или оној аналитичар“. Ова се случуваше и се случува, иако според европските демократски стандарди, политиката мора да одговори на интересот на медиумите, без разлика на темата и без разлика на медиумскиот формат или новинарски жанр.

Северна Македонија прави многу мали чекори на полето на слободата на медиумите, додека историски, политиката имала влијание врз медиумите, и врз оние државните, но и врз приватните.

Знаејќи дека нашата демократија е во тековен развој, треба да се направат напори медиумите и политиката да стигнат до точка на меѓусебно почитување врз здрави демократски основи, еден однос на меѓусебна соработка меѓу двата сектора, кои го чуваат својот простор и не се мешаат еден кај друг.

Еден ден, и во Северна Македонија новинарите треба да престанат да размислуваат и да се однесуваат како политичари, додека политичарите да престанат да мислат дека новинарите треба да бидат во нивна служба!

(Авторката е новинарка и уредник на вести во ТВ Алсат)

Извор: ИМА

Latest Posts

Не пропуштај