More

    Николовски: За 38.000 деца од сите градинки, еднаш неделно по еден килограм македонско овошје

    На вчерашната седница на Владата беше усвоена Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година. По тој повод, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, беа во посета на градинката ЈОУДГ „13 Ноември“, Општина Центар. Министрите им се придружија на децата и учествуваа во дневните активности кои беа во тек, во неколку занимални во градинката.„Оваа програма е продолжение на она што го започнавме минатата година, но сега со двојно поголем буџет. За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку 90.000 кг кајсии, 175.500 кг праски, 168.000 кг сливи, 74.000 кг круши, 370.000 кг јаболки. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38000 деца од сите градинки во државата“ изјави министерот Николовски.

    Програмата ќе се реализира преку јавна набавка која ќе ја спроведе Платежната агенција, при што еден од условите ќе биде овошјето да се дава на градинките спакувано во мрежички. Еден килограм, за секое дете, еднаш неделно. Со цел овошјето да биде навистина свежо, предвидено е да се доставува до градинките еднаш неделно, во текот на следните месеци, заклучно со декември. Секоја градинка ќе има можност самата да одлучи во зависност од условите, дали ќе им дава втора ужинка на децата во текот на денот, или доколку немаат простор за складирање ќе им ги даваат на родителите за дома.

    „Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболки во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно. Оваа програма е поддржана и претставува донација од страна на Владата Република Северна Македонија“ изјави министерката Тренчевска.

    За потсетување, минатата година беа откупени околу 750.000 килограми наши домашни јаболка и беа дистрибуирани до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици. Тогаш рековме дека овој проект сакаме да го развиваме, да прерасне во редовна пракса, со која ќе обезбедиме здрава ужинка за секое дете и ќе го поттикнеме откупот на домашните производи. Ова беше прифатено со голема радост од страна на децата од основните училишта и многу позитивни реакции од родителите.

    „Оваа програма ќе продолжи и наредните години, а придобивките од воспоставувањето на ваква пракса ќе бидат многу поголеми од она што во моментов го гледаме. Децата ќе го меморираат вкусот на македонските праски, сливи, кајсии, круши и јаболки. Ќе знаат да го препознаат интензивниот вкус на сочни овошки какви што дава нашето поднебје. Кога ќе пораснат ќе знаат да направата разлика и секогаш ќе избираат домашно, затоа што е повкусно и затоа што секој залак ќе ги потсетува на детство“ потенцираше Николовски.

    (Извор: Agrotim.mk)
    Exit mobile version