More

    Потпишан регионален Меморандум за соработка во областа на односите со јавноста меѓу обвинителствата

    Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска во Херцег Нови, Црна Гора го потпиша Меморандумот за соработка во областа на односите со јавноста меѓу јавните обвинителства од регионот, поддржан преку Проектот за сузбивање тежок криминал на Западен Балкан – ИПА 2019.

    Со Меморандумот, изготвен на иницијатива на Врховното државно обвинителство на Црна Гора, се предвидува воспоставување регионална платформа на службите за односи со јавноста, како можност за комуникација и директна размена на информации, но и за координација при информирањето на јавноста за дејствијата кои се однесуваат на прекугранични предмети.

    „Градењето на отчетен и одговорен однос кон јавноста е обврска за сите нас. Од тие причини, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија континуирано се залага за унапредување на односите со јавноста“, рече Јовески.

    Тој оцени дека регионалната платформа во која ќе бидат вклучени службите и лицата задолжени за односите со јавноста дополнително ќе ја олесни размената на информации меѓу обвинителствата и ќе овозможи јакнење на транспарентноста на постапките.

    „Соработката меѓу јавните обвинителства во регионот е беспрекорна во многу области. Соочени со фактот дека криминалот веќе не препознава граници и се повеќе излегува од нашите национални рамки, ние неминовно сме упатени на соработка речиси на дневна основа“, додаде тој.

    Важноста на соработката во облста на односите со јавноста ја истакнаа и останатите државни обвинителства од регионот, особено со оглед на тоа што и на регионално ниво довербата на јавноста во правосудните институции е ниска.

    „Правдата не треба да биде само задоволена, туку треба да биде и видлива“, истална Татјана Беговиќ, в.д. врховна државна обвинителка на Црна Гора.

    Словенечкото Врховно државно обвинителство ја поддржува оваа соработка као дел од поддршката на целиот регион во реализација на обврските од поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори со ЕУ. „Со Меморандумот се демонстрира практична соработка меѓу обвинителствата од регионот, што е предуслов за вашето идно членство во ЕУ“, нагласи генералниот државен обвинител на Словенија Драго Шкета.

    Меморандумот, освен македонското обвинителство, го потпишаа и Врховното државно обвинителство на Црна Гора, Републичкото јавно обвинителство на Република Србија, Врховното државно обвинителство на Република Словенија, Генералното обвинителство на Република Албанија, Обвинителството на Босна и Херцеговина, Федералното обвинителство на Федерацијата Босна и Херцеговина, Републичкото јавно обвинителство на Република Српска и  Обвинителството на дистриктот Брчко на Босна и Херцеговина.

    Претставници на службите за односи со јавноста во наведените обвинителства ќе ги усогласат модалитетите за функционирање на платформата за соработка.​

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version