More

    Основното образование губи по околу 1.000 ученици годишно

    За само една учебна година, бројот на ученици во основното образование се намалил за 1.015, а бројот на средношколци за дури 1.798, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

    На крајот на учебната 2021/2022 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 184.910, што е намалување за 0.6 отсо во однос на претходната година, а во редовните средни училишта, бројот на ученици на крајот на учебната 2021/2022 година е изнесува 69.378, што е намалување за 2,5 отсто во однос на претходната учебна година.

    Во извештајот се забележува дека во 2020/2021 година имало 980 училишта, а само една година подоцна имало 976 училишта, што значи дека се затвориле четири училишта, иако не е наведено дали станува збор за централни или за подрачни (рурални) училишта. Она што паѓа в очи е и податокот дека иако има тренд на намалување на бројот на ученици и на наставници, се зголемува бројот на паралелки. Така, ако во 2020/2021 година имало 10.085 паралелки во државата, една година подоцна овој број е 11.057, односно избројани се 72 паралелки повеќе.

    Зошто имаме контиуниран тренд на намалување на бројот на ученици во основното и во средното образование? За ова поразговаравме со м-р Дончо Герасимовски, демограф, аналитичар и поранешен директор на ДЗС, кој самостојно ги следи трендовите кои се однесуваат на наталитетот и образованието во државата.

    „За 30 години за околу за 50.000 е намален бројот на ученици во основните училишта. Причина за тоа е намалениот наталитет и иселувањето. Си заминуваат претежно млади брачни парови кои имаат деца, или пак, чии деца се раѓааат во странство. Исто така, вредно е да се спомене и разликата од околу 1.000 ученици на почетокот на учебна година споредено со крајот на учебната година. Тоа значи дека во текот на учебната година тие го напуштиле училиштето и се иселиле“, вели Герасимовски.

    Тој неколку пати досега има кажано дека е потребно да се направи стратегија за развој на популациона политика, како и стратегија за образование, како решение за ваквата состојба.

    „Ја анализирам и состојбата во другите држави. Светските демографски движења се секаде присутни. Секаде се селат, и во Бугарија, Србија, Албанија. Сепак, потребно е државата посериозно да се позанимава со оваа проблематика“, апелира Герасимовски.

    Ако се погледнат бројките во изминатите пет учебни години, објавени од Државниот завод за статистика, може да се забележи континуитет во намалувањето на бројот на ученици. Исклучок е учебната 2020/2021 година, кога има зголемување за разлика од претходно, односно во средно образование имало 71.176 ученици.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version