Последни написи

Народна банка: Економскиот раст годинава 2,1 отсто, инфлацијата ќе се намали

Народната банка на РСМ (НБРСМ) проценува дека економскиот раст на Македонија годинава ќе изнесува 2,1 отсто, додека инфлацијата би се движела меѓу 8 и 9 отсто, до крајот на годинава. Проекциите за бруто-домашниот производ во наредните две години се непроменети, така што се очекува растот да изнесува 3,6 отсто во 2024 и 4 отсто во 2025 година.

„Енергетската компонента во значителна мера би придонела за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3 отсто, близу до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација“, велат од Народната банка.

Од централната банка очекуваат дека во следниот период да се стабилизираат цените, што заедно со очекувањата за подобра глобална економија и закрепнувањето на најзначајните трговски партнери би придонело за понатамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2 отсто од БДП во 2024 година и 2,7 отсто од БДП во 2025 година.

„Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс“, стои во соопштението на НБРСМ.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај