More

    УКИМ со нов пад на листата на CWUR – сега е на 1.990 место меѓу најдобрите универзитети во светот

    Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) се најде на 1.990-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, што денеска ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

    Станува збор за ранг-листа која CWUR ја објавува секоја година, а при рангирањето универзитетите и колеџите ги оценува според четири мерки: образование, можност за вработување, настава и истражување. Годинава биле рангирани вкупно 20.531 високообразовна институција, а од нив најдобрите 2.000 се најдоа на листата.

    Во споредба со минатата година, кога се најде на 1.964-та позиција, УКИМ годинава бележи пад од 26 места, а ако се направи споредба со 2021 година, тогаш падот е од 46 места. За само четири години, УКИМ на листата на CWUR паднал за дури 174 места. Доколку трендот на паѓање продолжи, може да се очекува дека догодина УКИМ сосема ќе исчезне од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот.

    Првиот и најголем универзитет во државава, сепак е единствената македонска високообразовна институција што се најде на ранг-листата на CWUR.

    Од земјите од соседството, Србија и годинава има четири претставници меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет кој се најде на 362-то место, што е пад од 12 позиции во однос на лани. Од Бугарија се рангирани два универзитета, од Грција 12, а од Хрватска 4.

    На листата и годинава не се најде ниту една високообразовна установа од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

    Трите најдобро рангирани универзитети во светот според листата на CWUR се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд, сите од САД. Всушност, САД доминираат на листата на CWUR. Меѓу најдобрите 20 универзитети во светот, 16 се американски, три се британски, а еден е јапонски.

    Инаку, оваа листа минатата година во македонската јавност беше лажно претставена како Шангајска листа. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција го коментираше падот на најголемиот македонски универзитет на листата на CWUR, притоа тврдејќи дека станува збор за Шангајската листа. Дезинформацијата, без да се провери вистинитоста на изјавата, тогаш ја пренесоа бројни домашни медиуми, а ја коментираа истакнати политичари. Новинарско прашање му беше поставено дури и на премиерот Димитар Ковачевски.

    Целосната листа на најдобрите 2.000 најдобри универзитети на CWUR може да се погледне на овој линк.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version