More

    Слободата на медиумите, нивната отпорност кон лажните вести, и што нè чека

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

    Борбата за слободата на медиумите денеска добива сосема поинаква димензија од времето кога почнував во оваа благородна професија што се нарекува новинарство пред повеќе од 30 години. Тогаш битките кои беа пред нас беа јасно исцртани. Требаше само храброст да се водат.

     

    Првата и најзначајната беше плурализација на медиумските простор и отворање на приватни медиуми, со алтернативна интерпретација на стварноста од државните медиуми, кои повеќе или помалку беа под контрола, а понекогаш и цензурирани од ЦК на СКМ. Втората битка беше укинување на вербалниот деликт, а потоа и декриминализација на клеветата. Беа тоа големи победи, кои ни даваа голема надеж дека нашето општество конечно ќе се демократизира и модернизира. Времињата кога заради некои ситници во известувањето или во пишан текст, суетен политичар, ревносен цензор или тенденциозен обвинител можеше да ве обвини за „напад и омаловажување врз ликот и делото на другарот од комитетот“ веќе се далечно минато, а на помладите генерации тие времиња може да им се прераскажуваат анегдотално.

    Откако се појавија интернетот и социјалните медиуми, и во Македонија, како и во целиот свет се случи тотална демократизација на медиумскиот простор. Се појави и „граѓанското новинарство“, каде што секоја единка на некој начин стана потенцијален новинар кој може да известува за некој настан, феномен, девијација во општеството. Некогаш скапата и недостапна камера веќе не е во рацете само на неколкумина сниматели, кои заедно со новинарите и уредниците решаваа кога да биде вклучена и да снима. Сега буквално сите имаат мобилни телефони, а секој мобилен телефон стана камера. Социјалните медиуми го донесоа потенцијалот за целосна демократизација на јавниот дискурс, со можност за активна партиципација на секој граѓанин на која било тема.

    Политичките притисоци и пропагандата во традиционалните медиуми се драстично намалени во споредба со периодот кога на власт беше Никола Груевски, а тоа е потврдено и со скокот на листата за слобода на медиумите што ја изготвуваат „Репортери без граници“, каде што Македонија е на 38-то место, најдобро рангирана од сите балкански земји.

    Денес, борбата за слобода на медиумите се води на сосема нови фронтови. „Тоталната слобода“ што ја донесе интернетот целосно го преклопи јавниот дискурс и го контаминира медиумскиот простор. Социјалните медиуми, кои имаа потенцијал да донесат целосна демократизација, и кои важните општествени дебати можеа да ги приближат буквално до секого, наместо да бидат носители на новиот демократски дискурс во општеството, го направија секој обид за сериозна дискусија безмалку невозможен. Јавно искажаниот збор многукратно се девалвира, целосно лишен од одговорноста за она што е напишано. Она што би требало да биде дебата, на социјалните мрежи е одамна претворено на судир на партиски ботови кои промовираат исклучивост, нетолеранција, ad hominem дисквалификации и грозни етикети.

    Како што АВМУ ги регулира традиционалните радиодифузери –радијата и телевизиите, многу бргу ќе мора да има барем некаква регулација и на интернет сферата. Некој мора да се справи со овој грозен наплив на навреди, говор на омраза, повици за линч. Парадоксално е, но ќе мора да ограничиме дел од интернет слободата, за да си ја вратиме вистинската слобода.

    И македонското правосудство мора да се прилагоди на новите времиња. Кога светот е целосно дигитализиран, во Македонија во судовите и натаму доминираат дактилографките и машините за чукање, а судовите не ги третираат порталите како медиуми. Тоа мора да се смени под итно, затоа што без судска заштита, секој може непречено да шири лажни вести, пропаганда, клевети и да не одговара.

    Колку брзо се дигитализираше и трансформираше светот, и до каква апсурдна ситуација нè доведе, па сега оние што беа шампиони во барањата да се декриминализира клеветата, да се укине вербалниот деликт, а власта и судовите да не се мешаат во работата на редакциите, се превртија. Истите тие што бараа поголеми слободи, почнувајќи од мене лично, сега бараат засилена регулација на медиумите и вклученост на судството во справувањето со тешките форми на рекет, говор на омраза и закани преку интернет порталите и социјалните мрежи.

    Ситуацијата со интернет порталите, иако тешко, можеби и некако ќе биде ставена под контрола. Но, не гледам како ќе се справиме со токсичните последици на големите социјални мрежи. Јанис Варуфакис нив ги опишува како рентиери во новата ера на техно-феудализмот, при што колку повеќе говор на омраза се креира, дотолку подобро за висината на рентите што ја земаат феудалните техно-менаџери што ги поседуваат Фејсбук, Твитер, Инстаграм и другите големи социјални мрежи. Капиталот во облак (cloud) е новата огромна закана не само за вистината и слободата на изразувањето, туку тоа веќе задира и во други општествени девијации како промоција на насилство, стимулирање на воајеризмот, и особено, укинување на правото на приватност на либералната  индивидуа.

    Борбата што е однапред загубена со партиските ботови, бездруго ќе се мултиплицира со вештачките чат-ботови, кои веќе ги креира вештачката интелигенција. Развојот на Чат ГПT, и воопшто развојот на вештачката интелигенција во лабораториите во Силициумската долина, но сигурно и по лаборатории кои ги поседуваат автократски режими како Пекинг или Москва – веќе имаат смислено технолошки опасности на кои како луѓе, и особено како медиумски работници што се залагаат за објективно известување, нема да може да се спротивставиме.

    Неодамна Гардијан се жалеше дека имало злоупотреби со текстови генерирани од вештачка интелигенција, а поткладени како авторски текстови на Гардијан. Можностите за манипулации се несогледливи, а тие можности ги исплашија и самите автори на програмите за вештачка интелигенција, кои признаваат дека не можат да го контролираат до крај она што го имаат создадено, па самите побараа шестмесечен мораториум во развојот на ВИ.

    Една од тие опасности е неверојатно брзиот развој и усовршување на дипфејк технологијата, која не доведува во ситуација да не може да си веруваме на сопствените очи. Некои медиуми објавија дека елитните единици на американската армија потпишале договори за користење на најсофистицирани дипфејк програми. Многу бргу, на видео снимките нема да може да им се верува воопшто, и тие целосно ќе станат орудие за злонамерна пропаганда. Според проценките, на Тик-Ток има околу 200.000 видеа, со дипфејк, зачинети со малку музика и „патриотска пропаганда“ каде што на пример воени злосторства извршени во Сирија, се потклаваат како „факти“ од теренот во Украина. Освен за кажаниот збор, ќе треба ли редакциите да  развиваат и специјализирани оддели за проценка на вистинитоста на видео материјалите пред да ги објават?

    Македонија и натаму е подложна на агресивна руска пропаганда, која наоѓа плодна почва делумно и поради фрустрациите кај граѓаните од тоа што самата ЕУ не го држеше зборот па постојано испорачува нови и нови услови за отпочнување на преговорите со ЕУ. Пред референдумот за „Преспанскиот договор“, кој на крај заврши со гласање на 80 пратеници во парламентот, речиси и да немаше европски лидер кој не дојде во Македонија со пораката – направете го овој последен компромис за да се придружите на европското семејство. Сега истиот рефрен се преповторува околу уставните измени, со кои треба да се впишат Бугарите во Уставот, но, се разбира, нема гаранции дека за 2-3 години нема да биде испорачан некој нов уште потежок услов за Македонија. Таа неконзистентност и чувството дека 30 години само се подига некаква летвичка со цел таа никогаш да не се дофати, доведе до силно опаѓање на поддршката за евроатлантските интеграции во Македонија, и истовремено, даде широки можности на пропагандата и продукцијата на лажни вести од злонамерни центри на моќ како што е Москва. Светот забрзано се движи кон нова студена војна меѓу САД и ЕУ од една страна и Кина и Русија од друга. Македонија одамна го има направено изборот каде и на кои вредности припаѓа, но тие вредности треба да се негуваат и чуваат.

    На прашањето како понатаму со медиумите, најдобриот одговор е со одговорно, чесно, балансирано, фер новинарство, без заземање страни, со проверка на фактите и нивно ставање во вистински контекст. Но, ова е лесно да се каже, а тешко да се оствари во праксата.

    Тука фонот мора да го одреди јавниот сервис, како што тоа го прават големите јавни сервиси во Европа како Би-Би-Си, или во регионот ХРТ, ЕРТ, па дури и РТС. МРТ е во очајна ситуација со децении. Првиот програмски сервис е тотално нерелевантен, а има 3-4 години, не се ни мери во рејтинзите, кои само би ја потврдиле тажната слика во која е МРТ.

    Примарната задача на приватниот сектор е да генерира профит, а се грижи за општествената одговорност онолку колку што е тоа минимум неопходно за да не ја загуби лиценцата за емитување. На крајот на краиштата, видовме како се однесуваше најгледаната информативна мрежа во САД, Фокс Њуз, која самата призна дека измислувала приказни дека демократите му ги украдоа изборите на Доналд Трамп со помош на екстремната левица од Венецуела, и наводно штелување на алгоритмите на гласачките машини во корист на Бајден. Фокс њуз веќе исплати 787 милиони долари во вонсудски спор, а ќе исплаќа и други пари во тужби. Поентата на тоа е дека раководството на телевизијата проценило дека поевтино им е да платат 2-3 милијарди долари во судски спорови, отколку да ја кажат вистината, па да ги загубат гледачите кои би се префрлиле на уште подесничарски информативни мрежи. Фокс њуз свесно ја жртвуваше вистината и лиферуваше лажни вести, за да ја задржи гледаноста , а со тоа и профитите, што можеше да доведе до страшни последици, кога голема толпа се обиде да влезе во Капитол хил на 6 јануари 2021 пред инаугурацијата на Бајден.

    Ова илустрира дека само големи медиумски куќи и редакции ќе можат во иднина да бидат отпорни на лажни вести и пропаганда, бидејќи еден од основните услови е финансиската независност. Иако состојбата со лажните вести кај македонските традиционални медиуми засега не е алармантна – набргу ќе стане. Особено ако не се направат долгонајавуваните реформи во јавниот сервис, и ако продолжи одлевањето на парите за маркетинг во дигитален маркетинг, а буџетите за телевизиите секоја година стануваат сè помали.

    (авторот е долгогодишен новинар и уредник)

    Извор: ИМА

    Exit mobile version