More

    Час и половина чекање на автобус 19-ка: Eден возен ред на веб-страницата, друг кај возачите

    Возниот ред прикажан на веб-страницата на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) не е ист со возниот ред што го имаат возачите и според кој сообраќа линијата број 19. На веб-страницата стои дека оваа линија сообраќа 60 пати дневно во еден правец, од 5 часот наутро до 23 часот, но всушност сообраќа само 12 пати, пишува Порталб.мк.

    Повеќе од осум месеци скопјани се соочуваат со хаосот во јавниот превоз. Автобусите се преполни со патници, кои пак во најразлични временски услови со часови чекаат за да одат на работа, на доктор, во училиште или за да ги извршат секојдневните обврски.

    Денеска, во периодот од 8 до 9:30 часот, час и половина го чекавме автобусот со број 19, на релација Шутка – Карпош. Граѓаните беа револтирани, затоа што секојдневно се соочуваат со истиот проблем – автобусите доцнат, а кога доаѓаат тие се преполни со патници.

    „Повеќе од еден час чекам автобус за да одам до центарот на Скопје, а сме на растојание од само 3 километри. Ова го нема никаде во светот. Граѓаните треба да протестираат и да го кренат гласот, затоа што со месеци се соочуваме со овој проблем“, изјави во разговор со новинарот на Порталб.мк еден граѓанин кој чекаше автобус.

    „Можеби би се изненадил ако немаше одложување или ваква гужва. Еден ден поради преголемата гужва се скршило и стаклото на вратата од автобусот. Не знам дали имало повредени, но тоа ги вознемири патниците и децата. Ужасно е да се види како нé третира државата. Не ти нуди ни минимални услови за да можеш да функционираш во овој главен град кој претендира да стане европски. Предизвик е да се стигне на време на работа“, вели друг граѓанин за Порталб.мк.

    Порталб.мк го обезбеди возниот ред според кој работат возачите на автобусите од линијата број 19 и кој е на сила од 23 јануари годинава. Овој возен ред не е ист како оној што ЈСП го има објавено на веб-страната и врз основа на кој граѓаните се информираат за распоредот на автобуските линии.

    Официјалниот возен ред на автобусите на линијата број 19, кој го користат возачите; Фото: Порталб.мк

    На пример, според возниот ред на возачите, од 5:20 до 23:45 часот на релација Шуто Оризари – Карпош во три смени мора да сообраќаат 12 автобуси, и исто толку од Карпош до Шуто Оризари.

    Како што може да се види од распоредот, временското растојание од еден автобус до друг е од 45 минути до час и половина.

    Но, граѓаните не се информираат од овој возен ред, туку од оној кој се наоѓа на веб-страната на ЈСП.

    Според возниот ред на веб-страната, од 5:20 до 23:05 часот на релација Шуто Оризари – Карпош треба да сообраќаат 60 автобуси и исто толку од Карпош до Шуто Оризари.

    Возен ред на автобусите на линијата број 19 на веб-страната на ЈСП

    Според информациите на Порталб.мк, кои ни ги потврдија два сигурни извори, во Скопје на релација на линијата број 19 моментално сообраќаат само 5 автобуси.

    „Вкупно има пет автобуси, хаосот го гледаме секој ден. Граѓаните се жалат, но ние сме само возачи, ние не сме криви. Пред оваа смена во автобус имав можеби над 200 луѓе, беше ужасно. Освен тоа, недостигаат и возачи и линиите не можат да бидат соодветно покриени“, вели еден возач на автобус од линијата број 19 во неформален разговор со новинарот на Порталб.мк.

    Изворите на Порталб.мк информираат дека и денеска во утринската смена сообраќаат само два автобуси од вкупно пет, бидејќи другите три се наменети за да ги превезуваат учениците од Шуто Оризари на една активност.

    Порталб.мк испрати прашања до ЈСП околу состојбата со линијата број 19, но до објавувањето на овој текст, од нив не добиле никаков одговор.

    Вчера, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска одржа селективен брифинг со дел од новинарите на некои медиуми, на кој најавила дека по една недела автобусите на приватните превозници ќе можат да се приклучат на јавниот превоз.

    Приватните превозници не се дел од градскиот јавен превоз од ноември 2022 година поради неисплатените долгови на Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември, главниот град беше блокиран со повеќе од 100 автобуси паркирани на главните раскрсници.

    Градските власти во меѓувреме ги отфрлија тврдењата дека им должат на приватните превозници, но увидот покажа дека Град Скопје греши.

    Во меѓувреме, градоначалничката Арсовска ги обвини приватните превозници дека пет години наплатувале билети и не ја пријавиле продажбата. Како што истакна таа, двете јавни приватни претпријатија на градот „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во последните пет години, односно од 2017 година до денес, немаат регистрирано ниту еден продаден билет во автобусите што се движат за двете здруженија, иако пријавиле дека возеле околу 400.000 километри месечно и за тоа пресметувале од едно евро по поминат километар што му го наплатувале на ЈСП.

    По ова следија закани за тужби за клевета од приватни компании.

    Градот Скопје во првиот дел од месец април годинава, по четврти пат објави јавен повик за доделување на дозволи за превоз на патници во јавниот сообраќај во Скопје. Ова е четврти повик за повторно ангажирање на приватните превозници на градско-приградските линии, по неуспешниот повик во месец март.

    Повикот се однесува на 16 линии, односно на линиите број 9, 11, 11A, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47A, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. За одржување на овие линии, превозниците мора да обезбедат 115 автобуси и 245 возачи. Крајниот рок за поднесување на документите од приватните превозници беше на 24 април.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version