Последни написи

Одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Со бројни активности, во Македонија денеска се одбележа 9.Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. На Партизанските гробишта во Бутел се одржа централната манифестација, каде што државна делегација и организации положија цвеќе и оддадоа почит на загинатите кои ги положиле своите животи за пораз на фашизмот.

На настанот, организиран со високи државни почести, во чест на загинатите борци во НОБ, положија цвеќе и оддадоа почит и делегација на Сојуз на борците од НОАВМ, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, претставник на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, како и делегација на Град Скопје, делегација на дипломатскиот кор, и претставници на политички партии.

Делегација на македонската влада, во чијшто состав се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование Јетон Шаќири положија цвеќе и оддадоа почит пред спомениците на партизанските гробишта во Бутел.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ по повод 9-ти Мај порача дека европските држави на 9-ти мај 1950 година го направија невозможното и дека „ние до 9 Мај 2030 година можеме да го направиме возможното, а тоа е нашето членство во Европската Унија“.

„Ние денес се бориме за истите вредности и цели за кои Германија и Франција направија историски исчекори после Втората светска војна. Тоа е обединувањето. Економската соработка. Да бидеш свој на своето, а во исто време да припаѓаш во нешто многу поголемо. Да се движиш слободно, да работиш слободно. Да придонесуваш и да добиваш“, изјави Маричиќ.

Маричиќ укажа дека на сите им е јасно „дека најтешките одлуки се зад нас“ и дека уставните измени не се ништо друго освен влог кој носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо.

„ЕУ за нас вреди многу. И токму таа ЕУ секојдневно е со нас – ни го потврдува јазикот, ни помага во неговата промоција, потпишува договори со нас на македонски јазик. ЕУ не е Унија која менува идентитети, напротив, во нашиот случај ЕУ ни го потврдува нашиот македонски идентитет, онаков каков што ние си го претставуваме и вреднуваме“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај