More

    Со софтверот на ДКСК во експериментална фаза и без закон, имотот на функционерите останува непроверен

    Софтверот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со кој се проверува дали функционерите не пријавиле имот што го поседуваат, сè уште е во експериментална фаза и не се знае колку ќе трае периодот до неговото целосно ставање во функција. Дотогаш, државните функционери ќе можат да го избегнат пријавувањето на имотната состојба или пак да не го пријават сиот имот, пишува Порталб.мк.

    Софтверот со кој треба да бидат поврзани сите институции, Антикорупциската комисија го набавила во март годинава.

    „Софтверот сè уште е во експериментална употреба за да се увидат евентуалните слабости, бидејќи според Законот за спречување на корупцијата двата акта – анкетниот лист и пријавата за судир на интереси, се споени во еден, за разлика од порано кога беа како две обврски посебно за службените лица. Сето ова има врска со пријавувањето на имотната состојба и интересите во времето на именување или разрешување од функцијата“, велат за Порталб.мк од Антикорупциската комисија.

    Овој софтвер се очекуваше да пристигне кон крајот на 2020 година и истата година да биде ставен во функција, но тоа не се случи. Новиот софтвер треба да ги преземе податоците автоматски, но сè уште не може да се направи верификација во дигитална форма, додаваат од Антикорупциска. Во врска со тоа кога ќе се стави во функција, од оваа институција велат дека поради проблемите што постојано се појавуваат, не се знае кога целосно ќе се стави во функција.

    „Во моментов не се знае колку ќе трае бидејќи се појавуваат проблеми при функционирањето и синхронизацијата на податоците на дигиталниот формулар на ДКСК и формуларите или документите за имотната состојба и интересите што се креираат од другите институции“, додаваат од Антикорупциска.

    Билјана Ивановска и Нури Бајрами, Државна комисија за спречување на корупцијата

    Инаку, функционерите кои не го пријавуваат имотот во комисијата се казнуваат само со глоба. Владата веќе неколку години најавува дека ќе се донесе Закон за потекло на имотот, со кој функционерите ќе имаат обврска да го образложат имотот стекнат непропорционално со платата и доколку не го направат ова, ќе им биде запленет, но предлогот е сè уште во работна верзија.

    Антикорупциската комисија секојдневно наидува на потешкотии при евидентирање на имотот на службените лица, именуваните и вработените во јавниот сектор. Со оглед на тоа што има функционери кои не го пријавуваат точниот имот, евидентирањето е тешко. Треба да постои механизам за детекција кога постои сомнеж за енормно зголемување или зголемување над нивото на примањата на некој функционер, а потоа да отпочне и верификациска постапка.

    Да потсетиме дека Државната комисија за спречување на корупцијата, за потребите на работењето во нејзината надлежност, од страна на Управата за јавни приходи ќе преземе податоци во електронска форма, користејќи ги интернет алатките преку Националната платформа за интероперабилност, во согласност со правилниците од полето на електронското управување и електронските услуги, како и преку други интернет услуги. Оваа соработка е овозможена со Договорот за размена на податоци и соработка, склучен на 28.11.2022 година, меѓу комисијата претставувана од претседателката Билјана Ивановска и УЈП, претставувана од директорката Сања Лукаревска.

    Сања Лукаревска, фотографија од службениот Фејсбук профил

    Електронското преземање на податоците од УЈП ќе биде дел од новото софтверско решение на ДКСК.

    Со склучување на договорот, на комисијата ѝ е овозможено да ги преземе потребните податоци со кои располага УЈП, во електронска форма, без да доставува писмени барања, што би придонело за зголемување на ефикасноста и ефективноста во применување на нејзините законски надлежности, особено во делот на евидентирање и мониторинг на имотната состојба и судирот на интереси.

    Во насока на борба против корупцијата треба да биде и примената на Законот за потекло на имотот. Тој не е поминат во Влада и сè уште е во фаза на финализирање на решенијата од последната предлог-верзија. Пред повеќе од една година, поточно во ноември 2021 година, беше кажано дека предлогот за овој закон беше доставен до Венецијанската комисија, по што, истиот месец, требаше да биде даден на увид на домашните експерти. Всушност, оваа постапка, сè уште не е завршена ни ден денес, а дури и кога ќе заврши постапката, ќе биде потребно повторно да се достави до Венецијанската комисија, каде што беше доставен и кон крајот на 2021 година.

    Во меѓувреме, во Индексот за перцепција на корупцијата, што се изработува секоја година од страна на Транспаренси Интернешнл, Северна Македонија е рангирана на 85-то место, од 180 држави што се во списокот, една позиција погоре од минатата година.

    Иако била дел од партиските програми на сите политички партии, корупцијата во Северна Македонија според сите индикации продолжува да „цвета“. Дека корупцијата не е спречувана доволно и од оваа Влада и покрај многуте ветувања, потврдува и последниот извештај на Транспаренси Интернешнл.

    Кога станува збор за довербата кај институциите, во 2022 година граѓаните најмногу ѝ верувале на Армијата. Од друга страна, судството остана на дно, констатираше истражувањето на „Еурометер“ за 2022 година, кој беше презентиран од Центарот за европска стратегија „Еуротинк“. И во 2022 година најмалку доверба кај граѓаните имало судството, само 6 отсто, а тука се наоѓа и обвинителството, со 7 отсто.

    Извор: МЕТА

    Exit mobile version