Последни написи

Маричиќ очекува уставните измени месецов да се најдат во Собрание

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ очекува што поскоро да се заврши текстот на амандманите за уставните измени во работната група за да може уште овој месец да ги продискутираат и да ги проследат во Собранието.

-Очекувам што поскоро да се заврши текстот на амандманите во прашање од неколку денови или недели за да можеме уште овој месец да ги видиме амандманите во јавноста, да ги продискутираме и понатаму да се проследат во Собранието. Јас очекувам да го стигнеме рокот во ноември, но таа динамика зависи од тоа како Собранието ќе го постави календарот на уставните измени, но сметам дека треба таа процедура да се започне пред летниот распуст на Собранието, изјави денеска Маричиќ пред почетокот на вториот панел на панел-дискусијата за ПФД2023 насловена „Патот кон 2030“.

Според информациите кои го добил од претставникот од СЕП во работната група, динамиката на работењето на оваа група се одвива добро и информира дека утре ќе имаат повторно средба.

Прашан дали работната група доколку има простор ќе работи и на други прашања поврзани со уставни измени или ќе се држи стриктно според протоколот со Бугарија, Маричиќ изјави дека претставникот на СЕП и претставникот на СДСМ имаат јасна насока да се држат исклучиво на тоа што го бара преговарачката рамка како тема и тоа што е неопходно за отворање на поглавјата и кластерите.

-Да не одиме пошироко, сите прашања се легитимни да бидат отворени и очекувам да ги отворат бидејќи таму има и претставници на политички партии, но мислам дека ќе има време за сите тие легитимни прашања да се разговара во иднина. Сега треба да се фокусираме на токму тоа што ни е обврска од преговарачката рамка. Не очекувам да има во крајниот исход други прашања, рече Маричиќ.

Во однос на тоа какви заложби се планираат во областа на корупцијата, имајќи ги предвид критиките дека корупцијата во државава е широко распространета, Маричиќ најави дека ќе го отвори тоа прашање пред премиерот и институциите за да се направи мини реформски план кој ќе треба до летото да го реализираат.

-Мислам дека ќе биде неопходно во наредниот период да направиме неколку чекори поврзани со засилување на политиките за борба против корупција и за зајакнување на судството бидејќи се тоа врзани работи. Кога ќе се врати премиерот од САД планирам и јас да го отворам ова прашање од аспект на европските интеграции и да направиме еден мини реформски план кој ќе треба до летото да го реализираме, а со цел токму во областите на антикорупција и владеење на право и судство да ги реализираме за да ја подобриме целосната слика, рече Маричиќ.

Во однос на случувањата во Судскиот совет, вицепремиерот Маричиќ посочи оти е важно да се внимава на процедурата и на имиџот во јавноста.

-Единствена порака која сум ја упатувал до судиите и обвинителите во нашите разговори е да внимаваат на својот јавен имиџ и на својата работа бидејќи е крајно важно и јавноста да има поголема доверба во судството. Секој од нас и Владата и Судскиот совет и правосудството имаат свој дел од одговорноста и треба да ја преземат за да ја зголемиме довербата. Судскиот совет е независно тело, Владата нема намера да се меша, но треба сите да ги објаснуваат на јавноста одлуките зошто и како ги донеле, зашто само така јавноста може да има доверба во тоа што го работат, заклучи Маричиќ.

(Извор: Независен.мк)

Latest Posts

Не пропуштај