More

    Демократијата е нецелосна без слободни и општествено одговорни медиуми

    Пишува: Тони ПОПОВСКИ

    Измината седмица, на 3 мај го одбележавме Светскиот ден на слободата на медиумите. Оваа дата ја има определено Генералното собрание на Обединетите нации со цел да се подигне јавната свест за значењето на слободата на медиумите и да се потсетат владите на нивната обврска да ја штитат, почитуваат и унапредуваат слободата на изразување, согласно со членот 19 од Универзалната Декларација за човековите права,  донесена во 1948 година.

    Најзначајниот момент во одбележувањето на овој ден е доделувањето на наградата на УНЕСКО именувана во чест на колумбискиот новинар Гиљермо Кано Исаза, кој загина на 17 декември, 1986 година, пред канцеларијата на неговиот  весник El Espectador (Гледачот).  Мотив за атентатот кој бил нарачан од нарко – картелите во Колумбија е  кампањата која Кано и неговиот весник ја водеа во континуитет, неколку години претходно, а со цел да се спречи  влијанието на трговците со дрога во политиката на земјата. Три години подоцна зградата на Ел Еспектадор беше целосно  уништена со подметната бомба, семејниот адвокат на Кано беше убиен, а викендицата на семејството Кано беше изгорена до темел во подметнат пожар. Дури девет години подоцна, во 1995 година, само еден од неколкумина осомничени извршители е осуден на затворска казна од близу 17 години.

    Наградата на УНЕСКО се доделува од 1997 година, од страна на независно жири сочинето од 14 професионални новинарки, новинари и активисти. Според Опсерваторијата на УНЕСКО, 86 новинари и медиумски работници биле убиени во 2022 година, а 1.591 биле убиени од 1993 година, додека многу повеќе биле уапсени, малтретирани или се под закани ширум светот.

    Според Опсерваторијата на УНЕСКО, 86 новинари и медиумски работници биле убиени во 2022 година, а 1.591 биле убиени од 1993 година, додека многу повеќе биле уапсени, малтретирани или се под закани ширум светот.

    Последен лауреат на оваа награда (за 2023 година) е триото притворени  ирански новинарки:  Нилуфар Хамиди, Елахел Мохамади и Наргис Мохамади. По повод доделувањето на оваа награда, Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј (поранешна француска министерка за култура) ќе истакне: „ Сега повеќе од кога било, важно е да им се оддаде почит на сите новинарки кои се спречени да ја вршат својата работа и кои се соочуваат со закани и напади врз нивната лична безбедност. Денеска ја почитуваме нивната посветеност на вистината и одговорноста“.  Од своја страна, претседателката на жирото, американската активистка за женски права од ирачко потекло, Заинаб Салби (прогласена во 1995 година од претседателот на САД, Бил Клинтон за хероина на 21 век) ќе истакне дека: „Ние сме посветени на чествувањето на храбрата работа на иранските новинарки чие известување доведе до историска револуција предводена од жените. Тие платија висока цена за нивната посветеност да известуваат и да ја пренесат вистината. И за тоа, ние сме посветени да им оддадеме чест и да обезбедиме дека нивните гласови ќе продолжат да одекнуваат низ целиот свет додека не бидат безбедни и слободни“.

    Светскиот ден на слободата на медиумите беше одбележан и од страна на клучните институции на Европската Унија.  По тој повод беа упатени пораки дека слободата на медиумите и плурализмот се витален дел од демократијата и од основните права на граѓаните на ЕУ и дека  вистинската демократија не е можна без слободни медиуми кои ги испитуваат оние што се на власт. Медиумите се клучен столб врз кој се потпира демократското владеење. Затоа, преминот во авторитарно владеење често започнува со напад врз независните медиуми. ЕУ упати предупредување дека во текот на последните неколку децении, голем број држави ширум светот тргнаа по авторитативен пат, користејќи принуда, а не ретко и насилство за да ги прогонуваат медиумите и новинарите.  Истотака, ЕУ со жалење констатира дека новинарите продолжуваат да доживуваат тешки работни услови со зголемен финансиски и политички притисок, надзор, произволни затворски казни или насилство поради извршување на нивната работа.

    Овогодинешното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите во рамките на ЕУ беше искористено од страна на Европската Комисија за поттикнување на процесот на донесување на Директивата против стратешки тужби за учеството на јавноста, доставена до Европскиот Совет пред  половина година. Целта на оваа Директива е да се спречат тужби  против новинари, бранители на човекови права и други лица, во чија позадина е обид да се ограничи или казни нивниот ангажман за прашања од јавен интерес. Предложената директива содржи заштитни мерки за оние кои се цел на очигледно неосновани судски постапки. Предложените заштитни мерки вклучуваат: овозможување на судовите да отфрлат очигледно неосновани постапки низ забрзана процедура, можноста да се компензира претрпената штета  и да се заштитат овие лица од пресуди на трети земји.

    Покрај оваа Директива, пред половина година од страна на Европската Комисија до Европскиот Совет е доставен и предлог на нова Директива – Европски закон за слобода на медиумите.  Со овој Закон се уредува нов сет на правила и механизми за промовирање на медиумскиот плурализам и независност низ ЕУ, вклучувајќи:  заштита на уредувачката независност;  силни мерки за заштита на правата на давателите на медиумски услуги, вклучувајќи ефикасна заштита на вработените и нивните семејства и заштитни мерки против употребата на шпионски софтвер против медиумите, новинарите и нивните семејства; соодветно, стабилно и транспарентно финансирање на медиумите од јавниот сервис; условот да се процени влијанието на концентрациите на медиумскиот пазар врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност; транспарентно и недискриминаторско државно рекламирање и заштитни мерки против неоправдано отстранување на онлајн медиумска содржина.  Во директивата се предлага и формирање на нов, независен Европски одбор за медиумски услуги и воспоставување засилени механизми за соработка меѓу националните регулаторни органи и тела на земјите членки на ЕУ. Целта е да се олесни ефективното и доследно спроведување и на актот за слобода на медиумите и на директивата за аудиовизуелни медиумски услуги.

    Што се однесува до состојбите во нашиот медиумски простор, долг период истите се придвижени од недоразбирања во рамки на новинарската фела, но и на релација новинари – сопственици на медиуми, и овие состојби негативно се рефлектираат врз целото општество, имајќи предвид дека медиумите се еден од клучните актери кои го обликуваат јавното мислење и пошироките општествени вредности. Од таа причина, на исчекорувањето во процесот на преговори и хармонизацијата со легислативата на ЕУ, треба да се гледа и како на неповторлива стратешка можност за понатамошна модернизација и демократизација на медумскиот простор кај нас.

    Извор: Рацин

    Exit mobile version