Последни написи

Костадиновска Стојчевска: Пред нас е изработката на Стратегијата за македонскиот јазик

Од пригодното обраќање на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во Институто за македонски јазик „Крсте Мисирков“:

„Денот на македонскиот јазик е наше засолниште што го опеале големите македонски дејци од сите генерации, па Крсте Петков Мисирков ќе каже: „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто е наш, исто како што е наша татковината.“

Таа наша татковина ја градиме секојдневно, така, покрај годишните конкурси, со успех го спроведуваме и новиот конкурс „Цртај на македонски“, кој се покажа провокативен за младите автори, кои со кирилицата пополнија празнина во новиот медиумски простор.

Со големо задоволство ги следам темите кои деновиве ги разработувате на Меѓународниот научен собир „Денови на Благоја Корубин“, „Од збор до речник“.

Ја поздравувам и свежата идеја на Институтот за македонски јазик за распишување на конкурсот за најдобар есеј за учениците и за студентите. Им честитам на наставниците и на професорите, а секако и на младите, кои се зафатија со предизвикот да беседат за „Јазикот наш денешен“ и за „Што направивме и што треба да направиме за македонскиот јазик“. Ова се важни и секогаш актуелни прашања за целата јавност.

Во рефератите на вашиот Собир ќе говорите и за електронскиот корпус и за дигитализацијата. Свесни сме дека и покрај сиот влог што го даваме во чување, збогатување и заштита на македонскиот јазик, нè чека уште многу работа.

Пред нас е изработката и на Стратегијата за македонскиот јазик, но сиве овие предизвици нè прават среќни зашто одиме по патот кој ни е цврсто трасиран од основоположниците на македонскиот стандарден јазик, кој е наш заеднички дом.

Нека ни е честит 5-ти мај, Денот на македонскиот јазик! Бедем кој цврсто и заштитнички стои пред нас, како и пред идните генерации Македонци.“

Latest Posts

Не пропуштај