Македонски Телеком денеска објави дека во првиот квартал годинава има зголемени приходи од продажбата за 3,7 проценти во споредба со претходната година и изнесуваат 2,9 милијарди денари.
Од компанијата информираа дека за разлика од 2022 година кога оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA), бележеше пад, во првите три месеци од годинава таа е зголемена за 5,6 проценти споредено со истиот период минатата година. И нето добивката, соопштува Телеком, бележи пораст од дури 33,2 проценти.
Компанијата дополнува дека бројот на корисници продолжил да расте во првите три месеци на 2023 година во сите сегменти и оти на ТВ пазарот имаат удел од 33,6 проценти и раст од 1,2 проценти или 148 илјади корисници.
-Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 2,8 проценти и изнесува 204 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи исто така порасна за 2,8 проценти. Во мобилните комуникации, базата на корисници е зголемена за 3,3 проценти, со што бројот на корисници достигна 1,25 милиони. Во фиксната телефонија, остануваме на водечка позиција со удел од 61,2 проценти и 224 илјади корисници, стои во инфирмацијата за резултатите од работењето во првиот квартал годинава.
(Извор: Независен.мк)