Денешната седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на која требаше да се избира наследник на разрешената претседателка Весна Дамева, е повторно одложена.
„За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение“, стои во денешното соопштение од Судскиот совет, во кое не се наведува причина за одложувањето на оваа седница.
Инаку, Дамева беше ненадејно разрешена од функцијата минатата недела на јавна седница по гласањето на членовите на Судскиот совет иницирано од нејзиниот заменик Селим Адеми, кое го поддржаа седум членови на Советот по неколкучасовна дебата со тензии и расправии.
Дамева, по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“. Од друга страна, Адеми за Порталб.мк изјави дека иако навистина законски не е предвидено како се разрешува претседател на Судски совет, „сè што не е забрането, е дозволено“. Како причина за разрешувањето, Адеми посочил дека Дамева имала заострени меѓучовечки односи со други членови. Тој децидно демантираше дека било какви политички мотиви стојат зад нејзиното разрешување.
Наследникот на Дамева требаше да се избира на седница закажана за 27 април. Заменик-претседателот на Советот, Селим Адеми, тогаш побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови. Дамева, пак, по предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.
Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а дел од правните експерти го оценија како нелигитимно.
Заради добивање на повеќе информации, Министерството за правда испрати барање до Судскиот совет да ги достави на увид Записникиот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред.
Р.С