More

    Северна Македонија се приклучува кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за руската агресија против Украина

    Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба. Како што соопшти МНР, Османи во разговорот го информирал Кулеба за одлуката Северна Македонија да се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.

    “Ваквиот чекор претставува уште една потврда за нашата континуирана поддршка за Украина во борбата за правда, слобода и споделените демократски вредности. Руската агресија мора што поскоро да престане, а извршителите на воените злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата.” – нагласил Османи.

    Воедно, Османи ја реафирмирал цврстата и бескомпромисна поддршка на земјава за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија.  Во тој контекст, тој истакнал дека Северна Македонија има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, нагласувајќи ја и поддршката за украинскиот народ во справување со предизвиците од руската агресија.

    Двајцата министри разговарале и активностите во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, како и за актуелните безбедносни состојби во Украина и европскиот континент.

    Р.С.

    Exit mobile version