Последни написи

Грешките на катастарот ги плаќаат граѓаните: Kога процесот на дигитализација создава повеќе проблеми

Погрешната дигитализација на катастарските планови им донесе многу главоболки на сопствениците на земјиште во полошкиот регион. Едно мало поместување на авионската снимка им создаде голем проблем на граѓаните чии реални имоти не одговараат на дигиталната карта. Проблемот датира од 2013 година, додека од институциите велат дека не е лесно да се реши.

Пишува: ЕНИС ШАЌИРИ

Процесот на дигитализација се очекува да донесе побрзи, поправедни и поквалитетни услуги за граѓаните. Но, не и во случајот на дигитализација на катастарските парцели. Шеесетгодишниот Селим Л. од Општина Теарце бил изненаден кога геодетот му ги покажал границите на неговата парцела. Наместо оние што ги знаел, тимот овластен за наоѓање на меѓите на земјиштето му кажал дека неговото место се наоѓа над патот десно. Другиот дел, пак, му припаѓал на соседот.

„Бев изненаден кога ми ги покажаа меѓите. Никаде не се поклопуваа со ознаките што ги ставил претходниот сопственик“, вели Селим.

За да ги поправи границите повторно, тој бил принуден да ангажира една низа институции. Ова му го кажал геодетот. „Првично добив согласност од соседот, бидејќи дел од мојата земја преминала во негова сопственост. Потоа отидов кај нотар и во катастар. Изгубив речиси еден месец додека го средив и ме чинеше близу 900 евра“.

Општината нема ингеренции, но го адресирала проблемот до надлежните органи

Градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири вели дека е запознаен со случајот. Бидејќи општината нема ингеренции над катастарот, тој го адресирал проблемот до Агенцијата за катастар на Северна Македонија.

„Запознаен сум со овој проблем. Тоа е проблем со кој се соочуваат речиси сите жители. Голем дел од парцелите се поместени при снимањето од воздух и тоа реално им создава проблеми на нашите граѓани. Иако не е општинска обврска, јас правам сè што можам за да се реши ова прашање и граѓаните да не плаќаат за услугите што им следуваат со закон“, рече Незири.

Селим не е единствен. Ова мешање на дигитални граници на имотите предизвика хаос, не само во Општина Теарце. Истиот одговор го добивме и од другите општини од полошкиот регион. Оттаму појаснуваат дека сите граници на земјиштата се поместени бидејќи при снимањето од воздух пред десет години, објективот се поместил за неколку милиметри. Но, ова милиметарско поместување горе во воздухот се одразило со поместување од неколку метри долу на земјата.

Промашена дигитализација – штетите ги плаќаат граѓаните

Еден претставник од геодетска компанија, кој зборуваше за КДП под услов да остане анонимен, вели дека сè започнало во 2013 година, кога Северна Македонија го променила катастарскиот систем и го заменила стариот катастарски план со нов, со што се смениле и границите на парцелите на земјиштата. Тоа довело до бројни проблеми за граѓаните, кои забележале поместување на границите во новиот катастарски план. Ова предизвикало многу проблеми, вклучувајќи и недостаток на сигурност на нивниот имот, како и тешкотии во купопродажбата на имотите.

„Со процесот на дигитализација што се случи пред години, во многу случаи снимањето и фотографиите од воздух ги поместиле и границите на земјиштата. Ова предизвика големи проблеми, создавајќи и неусогласеност на нашите имоти со катастарскиот план. Мислам дека ова е важно прашање кое бара итно дејствување од властите за решавање на овие проблеми што ги имаме со имотите“, вели геодетот од Тетово.

Дигитализацијата на катастарските планови имаше за цел да им ги олесни услугите на граѓаните. Делумно ја постигна својата цел, овозможувајќи дел од информациите и документите да ги земаат онлајн, но грешката настаната при снимањето создаде многу проблеми. Дигитализацијата на катастарот е проект финансиран од Светска банка, преку кој е предвидено сите аналогни катастарски планови да се претворат во дигитална форма преку скенирање, геореференцирање и векторизација на плановите.

Друг експерт од друга геодетска канцеларија во Тетово за КДП.МК аргументира дека начинот на кој е изведен проектот за дигитализација на катастарските планови довел до разлики во добиените податоци споредено со првичното мерење во 1939 година. Според него, оваа разлика се случила токму при процесот на дигитализација, бидејќи добиените податоци не се исти со оригиналните. Тие велат дека процесот на дигитализација не бил спроведен на соодветен начин за да се обезбедат точни координати.

„Начинот на кој е изведен целиот проект е погрешен бидејќи податоците добиени преку процесот на дигитализација не се исти со првичниот премер од 1939 година. Овие разлики се појавуваат и во површината на катастарските парцели, како и во хоризонталната положба на границите на парцелите“, вели експертот.

Според него, дигитализацијата на аналогните планови требала да се изврши на начин со којшто првично треба да се пресметаат координатите на точките на парцелите, а потоа да се префрлат во соодветен компјутерски софтвер. „На овој начин би се зачувале и оригиналните граници од првите мерења на терен. Ова би ги елиминирало и нејаснотиите, и меѓу геодетските канцеларии и меѓу граѓаните“.

Тој нагласува дека не може да разбере зошто не се презема ништо од Агенцијата за катастар за да се поправи оваа голема грешка, која граѓаните ги чини нерви, време и пари. „На крајот на краиштата, правото на сопственост е основно право, тоа е уставна категорија и како такво не може да се менува без согласност на граѓаните“.

Агенцијата за катастар без одговор

За да дознаеме дали е нешто преземено за отстранување на овој проблем, испративме барање до официјалниот и-мејл на Агенцијата за катастар  на недвижности (АКН), врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Наместо одговор, службеното лице за комуникација побара од нас барањето да го доставиме писмено до архивата на институцијата. Иако барањето беше поднесено во бараната форма, до затворањето на ова истражување не успеавме да добиеме одговор од Катастарот.

Поместувањето на катастарските граници во Тетово и пошироко во Северна Македонија е проблем кој е решен делумно, додека жалбите на граѓаните за нивните имоти остануваат актуелни и нерешени подолго време.

Овие проблеми имаат директно влијание врз сопствениците на недвижности и можат да влијаат на нивните имотни права. Во неколку случаи, поместувањето на катастарските граници предизвика спорови околу сопственоста на земјиштето, оставајќи ги граѓаните во нејасна правна и финансиска состојба.

Од Владата на Северна Македонија велат дека преземале чекори за решавање на овие проблеми, вклучувајќи и ревидирање на катастарскиот план, проценка на недвижните имоти и преземање истраги за откривање и запирање на коруптивните практики во јавната администрација. Владата вели дека во 2017 година донела одлука за решавање на овие проблеми и подготвила нов закон за катастар. Врз основа на овој закон, формирана е посебна комисија за разгледување на жалбите на граѓаните и решавање на нивните проблеми. Сепак, овие чекори не беа доволни за да се разрешат сите поплаки на граѓаните.

Жалби до Народниот правобранител

Многу граѓани побарале интервенција од Народниот правобранител и граѓанските организации за адресирање на овие проблеми, но засега сè уште без конкретни резултати.

Во последниот извештај на Народниот правобранител, поточно за 2020 година, се нагласува дека бројот на претставки за имоти е зголемен во однос на претходните години и дека најголем дел од нив се поврзани со неусогласеноста на регистрите на сопственост со реалноста на терен. Исто така, извештајот наведува дека многу граѓани се жалат на процесот на ревизија на катастарскиот план и на недостиг на консултации и доволно информации од страна на властите. Според овој извештај, парцелите се поместени од катастарскиот план без да се консултираат граѓаните, а овој процес им предизвикува големи економски загуби.

На страна на граѓаните е и Законот за дигитализација на катастарските планови. Во членот 83, став 2 од овој закон се вели:

„Кога при дигитализацијата на катастарските планови се утврдуваат разлики во површината на катастарските парцели од дигиталните катастарски планови со површината од катастарската функција и разликите се поголеми од ΔP≤ 0,0007*M* √P (каде P е површината на катастарската парцела, а М е скалата на катастарскиот план), Агенцијата по службена должност издава дигитален сертификат за површината што му се доставува на лицето регистрирано како носител на катастарска парцела“. А во ставот 3 се вели дека „потврдата на дигиталната површина се издава по извршената контрола на службената евиденција и изготвувањето на записник за утврдената фактичка состојба и вештачењето за разликата во површината“.

Сепак, овој закон не функционираше за Селим од Општина Теарце. Тој мораше да исплати речиси две просечни плати за да ја исправи грешката на Катастарот.

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај