Последни написи

Сведоштвa на новинарите од „крвавиот четврток“: Тепани, малтретирани, сороспии, слуги на Заев, предавници…

За време на протестите на граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ пред македонското Собрание, како и при упадот на толпата протестанти во собраниските сали, нападнати се и новинари, фоторепортери, сниматели. За време на вандалските случувања во собраниските простории нападнати се новинарите Никола Тануров, Душица Мрѓа, Искра Опетчевска, Боби Христов, Никола Ордевски, како и други новинари, фоторепортери и телевизиски сниматели.

Во насилствата во Собранието уништена е телевизиската и друга опрема на сите медиуми кои во тоа време ги следеле случувањата пред и во Собранието.

Сведоштвата на новинарите за немилите настани од 27 април 2017 може да се прочитаат ТУКА.

Димитар Тануров: Ситуацијата пред Собранието беше тензична, но во ниту еден момент не навестуваше дека е излезена толку од контрола и дека на 27 април 2017 ќе ескалира. Прес-картата ми беше закачена на вратот. Со телефонот почнав да сликам и да снимам кратки клипови и да ги праќам во редакцијата. Влегов во холот на Собранието и првично се упатив кон салата во која беа собрани дел од демонстрантите, организаторите на протестот и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Атмосферата се вжештуваше додека организаторите и пратениците говореа, гневот на лицата на присутните сè повеќе доаѓаше до израз. Дел од групата излезе од салата и одлучив да следам што им е намерата. Се упатија кон скалите на кои имаше припадници на безбедносните сили. Во првите редови беа возрасни лица и жени, кои сè повеќе личеше дека се поставени за полицијата да не употреби прекумерна сила врз нив, додека другите туркајќи ги одзади, се обидуваа да го пробијат слабо поставениот кордон.

Во еден момент полицијата се тргна и групата се упати по скалите. Трчајќи низ ходниците извикуваа: „Каде е Павле? Најдете го, ќе му го е*еме мамето мамино негово”. Друга жена, трчајќи низ ходниците дофрлуваше: „Мене оставете ми ја Туфегџиќ, јас ќе ѝ ја откорнам косата од глава, ќе ја убијам”.

Ги слушав нивните извици, но искрено не можев да поверувам дека некој би отишол толку далеку. Разбеснети влетуваа во канцеларии, проверуваа дали некој од пратениците се крие во нив.

Ги следев до прес-центарот, каде имаше насобрано луѓе и неколку новинари. Видов дека нешто се случува и се упатив внатре сликајќи. Во ќошот беа Зоран Заев и пратениците на СДСМ кои се обидуваа да се заштитат од разгневената толпа која фрлаше столови и стативи кон нив. Еден постар човек, со бела коса, црн елек, на возраст од 60-ина години забележа дека со телефонот снимам и ми се пушти викајќи: „Што правиш, престани да снимаш. Овој снима, сопрете го“!

Во тој момент околу мене се собраа неколку лица обидувајќи се да ме спречат. Еден од нив, висок, ќелав, со црна брада, ги истурка, ја дофати мојата прес-карта и ја сврте. Кога виде дека сум од Мета новинска агенција, лицето му се вцрви и изобличи и извика „Сороспијо! Предавнику!“. Ми удри бокс од кој се струполив на земја. Телефонот го држев цврсто в раце, додека 5-6 лица ме удираа со тупаници и боксови во пределот на главата, лицето и по стомакот со цел да ми го одземат телефонот на кој имаше снимки. Во еден момент успеаја да ми го отргнат телефонот, но тоа не им беше доволно, па продолжија да ме удираат додека лежев на земја.

Не знам колку долго тоа траеше, но изгледаше како вечност. Во еден момент слушнав некој глас, како вика: „Оставете го, колега ми е, ОК е човек и новинар е!“ И истиот тој, чие лице, за жал, не успеав да го запомнам, почна да ме влече и успеа да ме извади од салата.

Зашеметен од ударите и со краво лице, стоев пред салата и се обидував да откријам каде ми е телефонот на кој ги имав снимките. Околу мене имаше постари лица кои ме гледаа, но еден од нив, во првиот момент кога се свртев, ме удри по глава и побегна. Пред мене се појави едно од лицата кои ме нападнаа во салата велејќи: „Можеби ти си ОК, но работиш за погрешен медиум“. Го прашав каде ми е телефонот, велејќи му дека ми е приватен и оти ќе ги избришам материјалите од него. Ми одговори дека го фрлиле горе во галеријата. Се качив по скалите обидувајќи се да го најдам, но безуспешно.

Фрлив поглед долу кон салата и во тој момент забележав како пратеникот Зијадин Села лежи на земја, а маж стои над него и со едната нога го држи, а со другата му ја гмечи главата. Во 30 тој момент решив да се симнам, но гледајќи го тоа, видно исплашен, не знаев во која насока да тргнам затоа што трагите од крв на моето лице можеа само да придонесат повторно да ме нападнат.

Во еден момент ми пријде висок дечко, со сина маица и наочари, велејќи: „Дојди со мене да се средиш и ќе те изнесам“. Го погледнав исплашено, не знаејќи дали навистина сака да ми помогне или можеби ќе упаднам во некоја замка. Со колебање тргнав по него. Ме однесе до бифето, зеде крпа и мраз и ми рече стави на лице и не збори ништо, јас ќе те изнесам надвор. Излегувајќи, на сите што приоѓаа им велеше „Ништо не е… од нашите е… не сакајќи го удриле…“ Со крпата на лице ме изнесе надвор. Се отргнав од толпата и веднаш се упатив во Градската болница. Да не беа овие двајца храбри момци кои ми помогнаа, можеби немаше да завршам само со потрес на мозокот.

Вечерта, настанот го пријавив во полиција, но за жал, случајот го заведоа како разбојништво. Следниот ден повторно појдов во Полициската станица со слики од еден од напаѓачите и во обид да земам потврда за пријавениот настан. Ми рекоа да дојдам за неколку дена оти пријавата ќе била готова дури по 10-ина дена. Неколку пати потоа одев да си ја земам пријавата, но безуспешно. Последниот пат кога ја побарав ми рекоа да почекам да проверат. Не сфаќајќи дека вратата не им е добро затворена и дека можам да ги чујам, слушнав дел од муабетот: „Луѓе доаѓаат да си ги бараат пријавите, но од горе, од МВР наредиле да не се издаваат пријави за настанот. Што да му кажам?… Откако проверија за кога станува збор еден од нив рече, дај му ја и така неговиот случај се води како разбојништво“…

Д. М.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај