Последни написи

Дезинформации се дека се укинува предметот историја и дека наставниците по историја ќе останат без работа

Зоран БОЈАРОВСКИ

Дезинформации се дека се укинува предметот историја во новата предлог-програма за основно образование. Дезинформација е дека со укинување или со намалување на часовите по овој предмет наставниците ќе останат без работа. Дезинформација е дека не е повлечен учебникот по историја за 5-то одделение.

Сите овие дезинформации се дел од соопштението на Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ), кое, откако беше објавено на 14 април, за жал, без да ги проверат наводите, со молскавична брзина се прошири меѓу медиумите, а го „пофатија“ и на таквите дезинформации се обидоа да „ушиќарат“ и некои политички партии. Со таквиот пристап и тие направија штети од лавината дезинформации.

Но, еве, да одиме со ред. Во соопштението на ЗИРМ пишува: „…изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија“.

Чиста дезинформација. Министерството за образование и наука во повеќе наврати откако почна јавната дебата за реформата на образовните програми во основно образование во 2021 година, а и сега во последната реакција на дезинформациите на ЗИРМ нагласува дека предметот „Историја“ не се укинува, туку, според новата предлог-концепција се интегрира во „Историја и општество“.

Спротивно на тврдењето од ЗИРМ дека „се крати бројот на часовите“, од МОН ја „исправаат“ и оваа дезинформација со укажување дека со новиот образовен модел „Предметот Историја и општество интегрира материја од областа на историјата, граѓанското образование и географијата и дека овој предмет, согласно новата концепција, се воведува од четврто одделение и се изучува до деветто одделение, наместо од шесто до деветто одделение како што беше досега“.

Дополнително, од МОН потенцираат дека „ова значи дека историјата ќе се изучува повеќе од порано. Со новите наставни програми, се прави обид таа да стане попривлечна за изучување на учениците, да се развие еден поинаков наратив, кој нема да нуди само ‘помнење на датуми“, туку учениците ќе ја учат историјата преку историските извори, преку културното наследство, преку секојдневниот живот и различните улоги на луѓето во минатото. Во истиот предмет се изучуваат и теми од географија и од граѓанско образование, за да се добие поцелосна слика за настаните што се изучуваат, како и тие да можат да се поврзат со реален контекст за учениците“, појаснуваат во МОН.

Од МОН објаснуваат дека промените не предвидуваат укинување содржини и ова се повторува веќе две години, но кај некои структури во ЗИРМ и кај некои политички партии, за оваа промена нема слух.

Целна група на реформата на образовните програми се учениците, а не неконструктивните наставници

Да потсетиме дека новата концепција за програмата за основно образование дојде како силна потреба за промени која што ја наложија современите модели за образование, како и лошите резултати што на овој план ги остварува(ше) нашиот модел.

Во суштина интеграцијата на предмети е дефинирана во новата Концепција за основно образование, којашто е изработена преку еден инклузивен пристап со учество на бројни засегнати страни уште во 2021 година, а иницирана е од новиот Закон за основно образование, Стратегијата за образование 2018-2025, но и од повеќе анализи на квалитетот на националниот образовен систем, меѓу кои и анализата што ја подготвија ОЕЦД и УНИЦЕФ.

Концепцијата подразбира нов образовен модел на едукација преку кој секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Материјата ќе се изучува преку модули кои ќе ги предаваат истите наставници што и досега ги предаваа предметите што се интегрираат. Интегрираните предмети не се новина во образованието во светот, ниту, пак, во нашиот образовен систем, а изучувањето дава позитивни резултати, односно ги насочува младите кон учење со разбирање, наместо кон меморирање на податоци.

Да нагласиме уште еднаш, во новиот модел нема кратење на научни дисциплини и содржини. Сите дисциплини и содржини остануваат како и досега, само нагласено е интегрираното изучување на предметите, односно разгледување на една тема/појава од повеќе аспекти, преку повеќе предмети што овозможува полесно совладување на материјата.

Значи, за да биде појасно, кога станува збор за предметот „Историја и општество“ се зголемува бројот на часови и опфатот на ученици што ќе го изучуваат предметот „Историја и општество“, а не се намалуваат часови.

Тоа не доведува до можноста да се разобличи и втората дезинформација на ЗИРМ и на политичките структури што прифатија да ја шират и станаа соучесници во нејзиното распространување.

Како и досега, и по ова најново ширење на дезинформации од МОН, но и од Бирото за развој на образованието потенцираа дека ниту еден наставник нема да остане без работа или без часови, заради воведувањето на новите наставни програми.

За ЗИРМ вештачко е интегрирањето на предметот „Историја“ во „Историја и општество“

Редакцијата на Рацин.мк за да ја претстави сеопфатната слика за ова прашање разговараше со проф. Д-р Митко Б. Панов, потписник на соопштението во име на ЗИРМ.

На прашањата зошто повторно ЗИРМ го актуелизира прашањето за пропусти во учебникот за 5 одделение кога веќе е почната и не е завршена ревизијата на учебникот и зошто ЗИРМ правело критичка анализа на учебникот, ако тоа веќе го направила Националната комисија за учебници, Панов ни рече дека „како Здружение телефонски бевме контактирани од кабинетот на Министерот за образование, проф. д-р Јетон Шаќири, да доставиме во писмена форма допис со забелешките на учебникот, што го сторивме на 26 декември, а што се потврдува и од соопштението на МОН од 28 декември. Мисијата на Здружението, како и на секој совесен поединец е да реагира за подобрување на квалитетот на наставниот процес, особено кога ќе се увидат сериозни содржинско-концепциски и методолошки грешки, кои се недозволиви и директно на штета на учениците, како и на општеството“.

Панов објаснува дека Здружението работело демократски и солидарно и секој поединец (и не само член) можел да истапи со иницијатива, пришто се покануваат сите членови коишто сакаат да партиципираат и дадат свој придонес со забелешки и сугестии и дека на тој начин била  подготвена и анализата која ги утврдила пропустите во учебникот по историја за 5-то одделение.

Иако оваа постапка тие ја оценуваат како нивно право да постават прашање зошто сѐ јавно соопштени резултатите на Комисијата којашто треба да ги евалуира содржините во учебникот, сепак, претседателот на ЗИРМ не кажува зошто бараат да биде повлечен учебник кој не е пуштен во употреба.

Сепак, Панов не пропушта да каже дека врз основа на пропустите во овој учебник, неговата намера, односно реакцијата на ЗИРМ во соопштението што тој го потпишува, е да предупреди дека „повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет Историја и општество, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем“.

Панов, односно ЗИРМ, во одговорите на прашањата на рацин.мк реагира и на импликациите, како што нагласуваат, „од вештачкото интегрирање на предметите историја, географија и граѓанско образование во новововедениот предмет „Историја и општество“.

„Ние во дописот ја пренесуваме загриженоста од страна на наставниците по историја, со оглед на неизвесноста околу идниот фонд на часови, бидејќи не е прецизирано на кој начин ќе се изведува наставата. Особено имајќи ја предвид досегашната практика со учебниците за „Историја и општество“ за 4 и 5 одделение, во која историските содржини се маргинализирани. Во четврто одделение историјата има застапеност од помалку од 10%, а во 5 одделение помалку од 30%“, пишува во одговорот претседателот на ЗИРМ проф. д-р Панов.

Историчарот и претседател на ЗИРМ Панов во одговорите за Рацин.мк вели „за поздравување е изјавата на Министерот, проф. д-р Шаќири, кој информираше дека сите досегашни забелешки и реакции во контекст на Концепцијата за основно образование ќе бидат доставени до Бирото за развој на образованието. Реформите во образовниот систем мора да го одразуваат научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата“.

„Врските“ меѓу политиката и историјата по правило се на штета и на едната и на другата

Сепак, оваа помирлива и конструктивна завршница со поздрав за изјавата на министерот Шакири е задоцнета зашто дезинформациите веќе направија сериозна штета.

Јадицата со дезинформации ја „лапнаа“ и од партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов. Но, тоа како да им било доволно, па и тие тргнаа во ширење на дезинформации и на прес конференција повикаа „Владата да го врати предметот историја“, а всушност нема што да се врати, бидејќи тој и никогаш не бил укинат.

Нашата љубопитност за мотивите на претседателот Панов да го потпише соопштението во името на ЗИРМ кое искомуницира дезинформации со јавноста, ни го предочи сознанието дека во вторник, на 2 мај, ќе се избира новиот директор на Институтот за национална историја (ИНИ).

Нашите извори во ЗИРМ велат дека активностите на Панов и неговата медиумска присутност деновиве се должат на неговот лобирање да ја оствари оваа негова амбиција да ја преземе функцијата директор на ИНИ.

Инаку, проф. д-р Митко Б. Панов имаше забелешки и на работата на ИНИ, најмногу на работата на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања која редовно ја поврзуваше и ставаше во политички контекст како кога изјави дека „со францускиот предлог Македонците ќе ја загубат историската тапија“.

На ваквите негови коментари, како и на заедничката изјава на дел од македонските научници и истражувачи на 19 август минатата година, каде што како потписник се јавува и Митко Б. Панов,  Мултидисциплинарната, македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања одговори дека во тие изјави „доминираа клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација, без притоа да се понудат аргументи за тоа. Оние малку аргументи што се нудат всушност се произволни, нестручни и селективни толкувања на историјата, со употреба на празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија и Македонците“.

Се чини дека политизирањето беше искористено и во случајот на последното соопштението на ЗИРМ. Секако, амбициите на претседателот на ЗИРМ да биде директор на ИНИ се сосема легитимни, но сѐ додека се во рамките на ферплејот и сѐ додека не му наштетуваат на јавниот интерес кој никогаш не е црно-бел, туку има повеќе многу повеќе нијанси и страни кои секогаш треба да се имаат предвид.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај