Последни написи

Вработени во Државниот испитен центар се закануваат дека ќе нема државна матура ако не им се покачат платите

„Како раководителка не го оспорувам правото на штрајк. Правото на штрајк е уставно загарантирано“, вели во изјава за Мета директорката на ДИЦ, Благица Павловска

Вработени во Државниот испитен центар, кои се членови на Синдикалната организација, денеска најавија стопирање на сите процеси кои ги работат, вклучително и подготовките за претстојната државна матура. Во изјава за медиумите пред просториите на ДИЦ, Емилија Бошковска, претседателката на синдикалната организација и советничка во Државен испитен центар, кажа дека се обратиле за решение на проблемот во Министерството за финансии, но не добиле позитивен одговор.

Како што вели Бошковска, кај нив биле покачени само платите на вработените кои се на најниска позиција при последните две покачувања на минималната плата на државните службеници.

„Овде се прават многу тестирања, се организираат приправнички испити за идните наставници, организираме државна матура, имаме обем на работа голем, а не можеме да преживееме“, рече Бошковска.

Таа се пожали дека на наставниците им биле покачени платите, но на нив кои одлучувале дали на приправничките испити ќе поминат тие наставници не добиле покачување.

„Имаме многу сериозна улога во оснос на тоа колку нè цени Владата. Замолуваме и апелираме за најбрзо решавање поитно за да можеме да постигнеме да ги завршиуме сите процеси кој не чекаат“, побараа синдикалците.

Претставникот на гранковиот и на републичкиот синдикат, Гоце Селовски, потврди дека од септември кога се покачила минималната плата, овие луѓе не добиле покачување.

„Со последното покачување на 20.125 денари, тие остана без никакво покачување и од тогаш се бараат начини како да им се помогне“, рече тој.

Мета.мк побара мислење и став во однос на овие случувања од директорката на ДИЦ, Благица Павловска, како и од министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Одговори до овој момент, од министерот не добивме. Директорката Павловска вели дека како раководителка, не го оспорува правото на штрајк.

„Правото на штрајк е уставно загарантирано. Но, и правото на образование е уставно загарантирано и сметам дека образовниот циклус не треба да трпи последици, па затоа апелирам да се изнајде решение преку преговори и дијалог“, вели Павловска во изјава за Мета.

Државната матура според закон, е услов за упис на факултет, па согласно тоа, таа мора да се реализира. Мета.мк неодамна пишуваше дека државната матура годинава ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставниот процес заради дојавите за бомби.

Воедно, годинава треба да биде намалена и обемноста на екстерниот испит. Истиот ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања. Предвидено е и да има банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет.

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај