More

    Советниците повторно не го изгласаа предлогот на Арсовска за кредит од 10 милиони евра за еко-автобуси

    Повторно не помина предлогот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во Советот на Град Скопје за земање кредит од 10 милиони евра за набавка на нови еко-автобуси.

    Градските советници се согласија дека на градот му се потребни дополнителни, нови автобуси, но бараа одговор на прашањата какви автобуси ќе се набавуваат, за што ќе се користат, како ќе се воведат нови линии итн.

    Филип Јаневски, советник од советничката група на коалицијата во Град Скопје зборуваше за предлогот за домашно долгорочно задолжување на градот и рече дека градоначалничката Данела Арсовска сака да го задолжи Градот само за да земе лично провизии.

    „Пред да дадеме поддршка за ова позајмување, сакаме да знаеме во каква финансиска состојба е Градот. Според мене, треба да се изработи проект, да се знае колку автобуси и со какви карактеристики е планирано да се купат. Така се бара поддршка, со посериозен проект. А, ние само знаеме дека задолжувањето е 620 милиони денари и ништо повеќе од тоа. Но, ако ‘Бас рапид транзит’ се реализира, приватните автобуси се враќаат на улиците, не гледам зошто има потреба да се задолжуваме“, рече Шутаров.

    Градоначалничката Арсовска возврати дека Градот е во добра финансиска состојба и дека пред извесно време е вратен долгот за кредитот што го има земено претходното раководство.

    „Доколку ве интересираа граѓаните, уште пред три седници ова ќе беше изгласана точка. Треба да знаете дека станува збор за пазарна економија и не можеме да ви кажеме ние кој ќе се пријави за јавната набавка, со каква понуда и по која цена. Тоа ние не можеме да го знаеме. Вака се вршат сите јавни набавки во земјава“, одговори Арсовска.

    На ова, Шутаров рече дека единствено што очекува од Градот е поголема транспарентност и отчетност.

    „Не бараме вие мене да ме викате на кафе, на ручек или било каде, барам да седнеме, да разговараме, професионално како градоначалник и советник. Од друга страна ако не сакате да разговараме, нема проблем, дилемите ќе останат, резервата ќе остане и јас нема да ја поддржам оваа одлука се додека не знам каде точно ќе се трошат овие пари. А вие под превезот на тоа дека се грижите за граѓаните и дека сакате да го обновите возниот ред, да си лапнете некоја провизија“, рече Шутаров, на што Арсовска возврати: „само тендери и провизии ви се во главата“.

    И минатиот месец, исто како и сега, само 14 советници од Советот ја поддржаа точката за кредитно задолжување на Градот Скопје кај домашни банки за набавка на нови еко-автобуси за ЈСП-Скопје. Истото образложение го даде Арсовска и тогаш, дека постојните автобуси се стари и дотраени и не нудат задоволително ниво на услуга за граѓаните.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version