More

    Експерти од УНЕСКО во Македонија, ќе проверуваат што се случува со светското културно и природно наследство

    Претставници на Бернската конвенција заедно со експерти од Рамсарска конвенција и УНЕСКО во следните два дена ќе престојуваат во Охрид каде ќе посетат повеќе локации за да констатираат што се случува со светското културно и природно наследство на УНЕСКО и опасностите кои го демнат од неконтролираната урбанизација, легализацијата на дивоградби и планирањето нови инфраструктурни зафати.

    Мисијата е предводена од извршниот секретар на Бернската конвенција, Микаел Путиерс, а се планира посета на општините Охрид и Струга, националниот парк, Студенчишко Блато, Свети Наум и охридското и струшкото крајбрежје.

    Експертите денеска се сретнаа со министерката за животна средина, Каја Шукова, која истакна дека од нив очекува реална и независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“, како и применливи препораки за нивно одржливо управување.

    „На оваа мисија на претставниците од Бернската и Рамсарската конвенција и УНЕСКО гледаме како на можност претставници на надворешни неутрални институции врз основа на ставови на различни засегнати страни, како и на теренски посети да дадат реална независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Очекуваме дека проценката ќе рефлектира со применливи препораки на Постојниот Комитет на Бернската конвенција во однос на утврдување на живеалиштата и дивите видови кои можат да бидат афектуирани од антропогени активности, како и препорака за мерки и активности за намалување на овие влијанија согласно постоечката состојба“, истакна Шукова.

    Посетатата на независните експерти од Бернската конвенција за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта, Рамсарската конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење, особено за живеалиштата на водните птици и Конвенција за  заштита на светското културно и природно наследство УНЕСКО, следува по отворањето на случајот против земјава во декември 2021 година, за негативни влијанија врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица како кандидати за Емералд подрачја поради развојот на инфраструктурата.

    Еколошките организации, на чија иницијатива се отвори случајот, долги години наназад предупредуваат за негрижата за вредностите на светското наследство од страна на централните и локалните власти во Охридскиот Регион. Тоа резултираше со доближување до реалната можост Охрид да се впише на листата на наследство во опасност, што директно ќе зависи од извештајот кој ќе биде резултат на оваа мисија.

    (Извор: Независен.мк)

    Exit mobile version