More

    За три или за 200 години: На земјоделството во Украина ќе му требаат децении за да се опорави по војната

    Цените на храната ширум светот значително се зголемија откога минатата година Русија ја нападна Украина, делумно поради тоа што Украина е голем извозник на жито.

    Украинските земјоделци ги напуштија своите полиња или за да се борат или за да заминат на побезбедни места. На многу места во Украина производството на храна запре.

    Пред војната, Украина беше четврти по големина извозник на пченка и петти најголем извозник на пченица. Но, дури откако ќе заврши војната за производството на жито ќе бидат потребни години за да се врати во нормала. Експертите велат дека тоа може да потрае со децении, објави „Гласот на Америка“.

    Повеќе од 20 експерти за новинската агенција Ројтерс изјавиле ќе бидат потребни години за да се поправи штетата на местото кое некогаш се нарекуваше „Европска кошничка за леб“.

    Покрај земјата и почвата, уништена е и инфраструктурата, механизацијата, просториите за складирање…

    Научниците кои ги проучуваат почвата и земјоделството во Украина рекоа дека најмалку 10,5 милиони хектари обработливо земјиште е оштетено од војната и не може да се репродуцира. Тоа е 25 отсто од обработливото земјиште во Украина. Од гранатирањето исчезнати се и малите организми кои ја збогатуваат почвата, а бомбите и експлозиите можеби целосно уништиле некои обработливи површини.

    Шефот на украинскиот институт за почва, Свјатослав Баљук, рече дека војната може да го намали производството на Украина за 10 до 20 милиони тони.

    Работната група на научници процени дека ќе бидат потребни 15 милијарди долари за да се отстранат остатоците од војната, бомбите и експлозиите, за да се направи почвата повторно обработлива. Според нив тоа би можело да се направи за три години или за 200 години во зависност од тоа колку тешко почвата е оштетена.

    Џозеф Хупи, студент на Универзитетот Пердју во американската држава Индијана со главни насоки за почва и земја, пишувал за ефектите од војната врз обработливото земјиште. Тој за Ројтерс изјавил дека составот на дел од плодното земјиште во Украина можеби е толку многу променето од експлозиите што на него не може повеќе ништо да се одгледува.

    Оловото од муницијата може толку многу да ја загади почвата што растенијата што би се одгледувале таму можат да бидат многу штетни за луѓето.

    Но, покрај овие проблеми, оштетена е и голем дел од патната и железничката инфраструктура, така што дури и да се произведе нешто, прашање е со што и каде, по кој пат сето тоа ќе се носи. Украина прво треба да ја обнови инфраструктурата, а потоа да се рестартира сè останато.

    Се проценува дека голем дел од земјоделците веќе не се ни заинтересирани да произведуваат бидејќи иднината им е неизвесна, особено оние во регионите блиски до воените жаришта. Покрај тоа, дел од земјоделците веќе остануваат со последните залихи и тоа благодарение на тоа што имале добра година непосредно пред почетокот на војната. Но, со војната дојде и ограничен пристап до ѓубрива или пестициди, гориво или електрична енергија, добиточна храна, пристап до семиња…

    Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) според нивното истражување направено 9 месеци по руската инвазија на Украина објави дека секој 4 земјоделец размислува да го намали или целосно да го напушти земјоделието.

    Наодите од истражувањето откриле дека 25 % од 5.200 анкетирани испитаници го намалиле или запреле земјоделското производство поради конфликтот.

    Земјоделскиот сектор на Украина е важен извор на егзистенција за околу 13 милиони Украинци кои живеат во руралните области. Додека околу две третини од земјоделското производство го прават претпријатијата, руралните домаќинства произведуваат околу 32 отсто.

    Се проценува дека во 2024 година земјоделците во Украина ќе имаат сериозни финансиски проблеми ако војната и понатаму трае, или како што еден од анкетираните самиот за Ројтерс изјавил дека иднината им е иста како и земјата, темна и сива.

    Извор: brif.mk

     

    Exit mobile version