Последни написи

Салман Ружди и „Сатански стихови“: Историја на еден конфликт што ја надмина големината на контроверзната книга

Ф. ВУКОВИЌ

Ахмед Салман Ружди, роден на 19 јуни 1947 година во Индија. Се смета за британско-американски писател. Неговите романи често се проткаени со историска фикција, а една од неговите главни теми се односите, миграциите и „судирите“ меѓу светот на источната и западната цивилизација, особено на индискиот потконтинент. Вториот роман „Деца на полноќ“ од 1981 година му донесе светско признание и бројни награди. Но, четвртиот е оној кој во голема мера ќе ја одреди не само неговата кариера, туку писателот Ружди ќе стане буквално прашање на живот и смрт. Се разбира, станува збор за романот „Сатански стихови“ од 1988 година, кој предизвика гнев кај одредени муслимански кругови, а првиот врховен лидер на Иран, покојниот ајатолах Рухолах Хомеини, издаде фатва, односно – јавен повик за убиство против Ружди што го принуди авторот на романот да се крие со години додека за целото тоа време неговиот живот беше под закана.

Последниот обид за убиство беше извршен крајот на август минатата година, во градот Чаутаука, во американската сојузна држава Њујорк, кога напаѓач го нападна Ружди и го избоде со нож. Напаѓачот бешее приведен, а Ружди, кој сега има 75 години, итно е пренесен во болница. Иако беше тешко ранет, последните информации говорат дека веќе е закрепнат.

Минувачите и обезбедувањето му ја пружаат првата помош на Салман Рузжди по нападот со нож

По повод овој трагичен и насилен чин, јавноста повторно се „врати“ во доцните 80-ти за да се протолкува уште еднаш што направи Ружди и зошто сите овие години сè уште е мета на екстремисти кои сакаат да го убијат.

Човекот кон кого е пуштена стрелата „фатва“

Во 1947 година, во времето на неговото раѓање, Индија сè уште беше под британска власт. Роден е во семејство на муслимани кои потекнуваат од Кашмир. Неговиот татко бил високообразован адвокат, образован на Кембриџ (подоцна станал успешен бизнисмен), а неговата мајка била учителка. Имал три сестри.

Салман Ружди тргнал по стапките на својот татко, барем што се однесува до образованието. Основно училиште завршил во Бомбај (денешен Мумбаи), а подоцна се школувал во Англија каде и самиот ќе дипломира на престижниот Кембриџ на Факултетот за историја на уметностите.

Во брак бил четири пати. Сите завршиле со развод. Неговата прва сопруга беше Британката Клариса Луард, истакната во уметничките кругови. Бракот ќе трае од 1976 до 1987 година. Салман Ружди ќе ја напушти заради австралиската писателка Робин Дејвидсон. Сепак, таа нема да му стане сопруга, туку по врската со неа се ожени со американската писателка Маријана Вигинс и тој брак ќе трае до 1993. Трета сопруга ќе му биде британската уредничка и авторка Елизабет Вест. Тој брак ќе трае до 2004 година, кога Ружди ја запознава Падма Лакшми, индиско-американска актерка и модел, водителка на ТВ-шоуто Топ Готвач. Тие ќе поминат три години во брак, од 2004 до 2007 година.

Нема сомнение дека Ружди водел интересен живот како познат писател, но неговата приказна секогаш се навраќала во таа 1988 година и книгата којашто ќе остане да го придружува целиот негов живот.

„Сатански стихови“. Самото име, некои ќе кажат, е контроверзно само по себе и привлекува внимание. Многумина слушнаа за неговата книга откако беше изречена фатвата од иранскиот ајатолах.

Но, за почеток, што точно е „фатва“? Звучи малку како проклетство, а во случајот на Ружди секако не е далеку од тоа. Но, всушност, прогонувањето на Ружди да се нарече „фатва“ само по себе е контроверзно. Имено, фатва е законска одлука или објава во рамките на исламското, односно шеријатското право. Но, само судот може да издаде фатва, а не ајатолахот. Затоа, прогласот издаден од Хомеини не е фатва во вистинска смисла. Тогаш зошто толку многу се споменува во контекст на Ружди? Така ја прифатија таа приказна западните медиуми во тоа време и така фатвата се „залепи“ до името на Ружди.

Но, за што станубва збор во самата книга?

„Сатански стихови“ е роман во кој се зборува за двајца протагонисти во актуелното време. Џибриел Фаришта и Саладин Чамча се Индијци кои патуваат со авион во Британија. Фаришта е веќе голема ѕвезда на индиската кинематографија (Боливуд), додека Чамча е само почетник, емигрант, кој доаѓа во Англија за да ја развие својата актерска кариера.

Меѓутоа, пред да пристигнат на нивната дестинација, авионот бил киднапиран и експлодирал. Но, по некоја магија (чест мотив во неговите романи), двајцата се спасени, но им се случуваат големи трансформации. Фаришта станува ангел Гаврил, а Чамча ѓавол – но другите не ги гледаат овие трансформации.

И така тие доаѓаат во Англија, а Фаришта се вљубува во британската планинарка Али Коне. Чамча, пак, лут што овој го оставил по несреќата, решава да му наштети на Фаришти на начин што го прави патолошки љубоморен, па врската со Али ќе пропадне.

Има и други заплети, но приказната завршува со нивното враќање во Индија. Има и драматичен трагичен елемент, но нема смисла да се откриваат сите детали за оние кои би сакале сами да ја прочитаат приказната.

Книгата била запалена на многу места, вклучително и во Британија.

Палењето на книгата „Сатански стихови“ во Братфорд во Велика Британија во 1989 година

Кога иранскиот ајатолах повика на убиство на Ружди, ситуацијата дополнително ескалираше. Британската премиерка Маргарет Тачер му даде постојана полициска заштита на Ружди. Сепак, треба да се спомене дека и многу политичари во Британија беа многу критични кон Ружди и бараа да се забрани книгата. Членката на Лабуристичката партија Кит Ваз го предводеше маршот против авторот и неговата контроверзна книга во Лестер, а поранешниот лидер на Конзервативната партија Норман Тебит го нарече Ружди „извонреден негативец чиј јавен живот е список на грозоморни дејствија во кои тој врши предавства на своето потекло, вера, нов дом и националност“.

Се разбира, имаше и такви кои цврсто застанаа на страната на Ружди, на пример познатиот покоен автор и новинар Кристофер Хиченс, кој рече дека „фатвата“ е всушност „првиот истрел во културната војна за слобода“.

Ситуацијата со години остана тензична за Салман Ружди. Сепак, Иран, во 1998 година објави одредени помирувачки изјави, а Ружди реши да стави крај на своето криење после тоа. Дури може да се каже дека состојбата на „фатвата“ на некој начин е одредена од односите меѓу Иран и Западот, бидејќи кога односите меѓу Техеран и Вашингтон и останатите земји од западната хемисфера се влошија во 2006 година, иранската државна новинска агенција рече дека „фатвата сè уште стои затоа што може да прекине само тој што ја објавил“ – со други зборови, никој, бидејќи ајатолахот Хомеини е мртов.

Проклетството на една книга

Имаше ли жртви? Да, повеќе. Јапонскиот преведувач на книгата „Сатански стихови“, Хитоши Игараши, беше убиен во јули 1991 година. Десет дена претходно, италијанскиот преведувач Еторе Каприоло беше тешко ранет. Во 1993 година, норвешкиот издавач, Вилијам Најгард, исто така беше критично ранет од неколку истрели.

Најголемиот инцидент се случи во Турција кога гневните радикали се обидоа да го убијат Азиз Несин, турскиот преведувач на книгата i го запалиле хотелот „Мадимак“ каде што престојувал. Во трагичниот настан загинале 37 лица, а Несин успеал да го избегне масакрот .

Дали сите напади се мотивирани од гнев предизвикан од навредите по Исламот во книгата на Салман Ружди? Најверојатно, но и не мора да е тоа главната причина. Всушност, се вели дека има и иранска награда за атентат на Салман Ружди од над 3 милиони американски долари.

И по сите овие години Ружди, очигледно, е сè уште жив. Но, приказната за него и „Сатански стихови“ одамна стана поголема од значењето на самата книга. Фатвата на ајатолахот, религиозното насилство, низата убиства и обиди за убиства, геополитичките тензии меѓу Иран и Западот… сето тоа денес е составен дел од „аферата Ружди“ која трае со децении.

Преземено од порталот advance.hr

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај