Последни написи

Неконтролираното поставување фотоволтаици може да создаде економски проблем

Форсирањето фотоволтаици, без никаков план, може да предизвика економски, па дури и општествен проблем, доколку навреме не се преземат мерки. Тие, меѓу другото, треба да се насочени кон стимулирање на системи за складирање на електричната енергија произведена од фотоволтаици, но и дисперзија на обновливите извори, односно изградба на ветерници, биоцентрали, мали хидроцентрали и тн.

На оваа состојба денес во рамки на специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, укажаа претседателите на комората Бранко Азески и на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев, кои ја критикуваа државата дека во изминатиот период ги остави големите компании сами да се справуваат со енергетската криза.

„За прв пат се одважуваме да прозбориме што поминавме во изминатиот период и за она што не очекува во наредната сезона, на време да ги направиме работите бидејќи се направија големи пропусти кои ги платија компаниите со сериозни пари“, рече Азески, повикувајќи ги компаниите да извлечат поука и навреме да се подготват уште сега бидејќи во август или во септември ќе биде доцна.

Во презентираната анкета од страна на Стопанската комора се наведува дека голем број компании кои се снабдуваа со електрична енергија од слободниот пазар имале зголемени трошоци кои достигнувале и до 470 отсто кај металургијата или над 250 отсто во хемиската индустрија што резултираше со намалување на производството и затворање на дел иод капацитетите. Доколку ова се повтори и годинава, тогаш тоа ќе има уштѕе поголеми последици врз компаниите.

Азески упати остри зборови кон Владата, велејќи дека Македонската енергетска асоцијација до сега три пати сериозно интервенираше во текот на кризата, прво со предупредување дека таква криза ни претстои, на што државата не се одѕва онака како што очекувале компаниите. Потоа со предлози како таквата ситуација може да се ублажи, а третиот пат во однос на фотоволтаиците, дека неконтролиранот поставување може да предизвика проблеми.

„Сега по четврти пат во година и пол нудиме решенија. Се надеваме дека државата ќе го послуша тоа, а нам ни останува упорноста максимално да ги докажеме наши предлози, решенија и ставови, кои што се во интерес на сите компании“, рече Азески.

Членките на Комората не се согласуваат со тврдењето со кое се фали Владата дека во енергетската криза биле помогнати фирми во кои се 98 отсто од вработените во државата.
„Постојано слушаме дека економијата била помогната и дека фирмите во кои што работат околу 98 од вработените во стопанството биле поддржани во енергетската криза, но податоците упатуваат дека компаниите на слободниот пазар не беа поддржани и дека станува збор за околу 100 илјади вработени, директно и индиректно“, изјави првиот човек на МЕА, Анѓушев.

Тоа имаше сериозно влијание, некои фирми малку подобро се справија, а другите полошо, што зависеше пред сѐ од тоа колку електричната енергија учествува во структурата на цената на нивниот производ, посочи Анѓушев.

Во неговото излагање, тој направи опсежна анализа на сегашните состојби на енергетскиот пазар и предложи повеќе заклучоци кои беа прифатени од страна на учесниците на денешната специјална седница на Комората.

Анѓушев прво се осврна на цената на електричната енергија, која во моментов се стабилизира на некое ниво од околу 100 до 150 евра за мегават час. Така, според податоците на берзата Хупекс, според договорите за април, цената на електричната енергија е 109 евра за мегават час, за мај е 110 евра, во јуни 121 евро, во јули 123 евра. Или, по квартали, околу 138 евра за третиот квартал годинава, 169 евра во последните три месеци годинава, потоа во првиот квартал наредната година 179 евра и во вториот квартал 2024 година 141 евро за мегават час.

Анѓушев вели дека никој не знае дали е добро сега да се прави таканаречено хеџирање, поучени од искуството лани, или да се чека и да се види како ќе се движи цената.

Зборувајќи за факторите кои сега ќе ја креираат цената на електричната енергија, тој рече дека по се изгледа дека се стабилизира состојбата околу снабдувањето со гасот, односно се нашле алтернативи или можеби истиот гас по други канали дошол некако до терминалите. Во секој случај, гас има доволно на што влијаеше и топлата зима.

„Има и друг факт, а тоа е дека добар дел од економијата беше засегната, особено во Европа. Сите кои што работат со Европа знаат дека се намалени нарачките, односно економијата во добар дел стагнираше со потрошувачка. Сето тоа предизвика намалена потрошувачка на електрична енергија и тоа влијаеше врз цените малку да се стабилизираат“, вели Аншушев додавајќи дека се очекува ваквата состојба да продолжи и во наредниот период, односно дека цената на струјата ќе се стабилизира на 120 до 150 евра за мегават час.

На краток рок сепак, според Анѓушев, има два фактори кои што можат да влијаат на цената на електричната енергија.

Прво, затворањето на трите последни нуклеарни електрани во Германија, што значи дека се намали производството на евтина енергија. Исто така и лошата хидрологија која годинава може да биде и полоша од лани, што придонесе не само за помалото производство на хидроелектраните, туку уште повеќе што, во август лани немаше добар водостој на реките кои што ги ладат нуклеарните електрани, и нуклеарните реактори беа запирани.

„Може да се случи во јули и во август повторно да има пик, но тоа не мора да биде така, бидејќи ќе зависи од тоа дали повеќе ќе се намали производството на електрична енергија или повеќе ќе се намали потрошувачката поради застојот во економијата“, вели Анѓушев.

Едниот фактор ќе влече кон зголемување на цената (намаленото производство на електрична енергија), а другиот (намалената потрошувачка), кон намалување на цената. Зависи кој од овие два фактори ќе бидат подоминантни, а на ова е тешко да се одговори прецизно.
„Она што е многу важно е дека на пазарот на електрична енергија настана нова состојба за која сите треба да бидеме свесни. Енергетската транзиција е убава работа, но таа е скапа и влече со себе нови состојби“, рече Анѓушев.

Новата состојба се карактеризира со значително поголеми варијации на цената на електричната енергија. Ако порано се зборуваше за варијација на цената во текот на денот не поголема од 10 до 15 отсто, и не повеќе од 10 отсто во текот на годината, денеска на пример, на берзата Хупекс, имало разлика помеѓу највисоката и најниската цена на електричната енергија од 100 до 150 отсто во текот на денот. Има денови кога тие варијации се и 400 отсто.

Вчера на пример, најниската цена во текот на денот била пет односно 10 евра за мегават час, кога произведуваат фотоволтаиците. Треба да се има предвид дека ова се случува во април, и во ситуација кога не се изградени сите најавени фотоволтаици.

„Треба да бидеме свесни дека електричната енергија нема да има една цена. Кога ќе прашаме која е цената на електричната енергија, следното прашање е кога“, вели Анѓушев, додавајќи дека некогаш може да е нула, па дури и негативна, а некогаш 300 евра. Тоа не било никогаш до сега.

„Обновливите извори на енергија се добри, но треба да се градат планирано“, вели Анѓушев, посочувајќи дека потребна е државна стратегија, бидејќи треба да се браниме од оваа нова реалност која е на берзите во светот, а станува збор за динамичен процес кон кој треба да се прилагодуваме.

Анѓушев исто така смета дека веќе не важи одлуката од лани дека треба да се вклучат сите производствени капацитети.

„Тоа беше одлука која што требаше да се донесе во тој момент, и во тој момент таа одлука беше добра. Дали таа одлука и денес е добра? Не е, тој заклучок треба да се смени. Која е логиката кога сега ситуацијата е ваква, да купувате мазут и јаглен и да произведувате струја која што можеби е поскапа. Сега треба нова одлука, потребен е нов пристап“, вели тој.

Анѓушев се согласува дека искористувањето на сончевата енергија е одлична работа, особено за производствените капацитети кои ставаат фотоволтаици за сопствени потреби. Но, за се останато може да направат и одреден проблем, кој може да се дисперзира и пошироко и да стане општествен, односно економски.

„Ако имаме во предвид дека има издадено градежни дозволи, или во тек на градба се 500, 600, 700 мегавати фотоволтаици, што тоа значи, на пример за 700 мегавати? Тоа значи дека на ниво на држава ќе се инвестираат 700 милиони евра во фотоволтаици. Притоа не ги сметам оние на крововите на фабриките кои што се за сопствени потреби и ги ценам како исклучително добри. И другите се добри, но ќе станат лоши ако не се опаметиме што да правиме“, вели Анѓушев.

Под претпоставка дека ќе се направат 700 мегавати фотоволтаици, (веќе има 150-200 мегавати што се на мрежа), кои чинат 700 милиони евра и ако се претпостави дека 30 отсто е учество на инвеститурите (или околу 200 милиони евра), другите 500 милиони евра се банкарски кредити.

„Тие луѓе се надеваат дека ќе ги враќаат кредитите од продажба на струја. И ќе ги враќаат, но не за периодот за кој што се надеваат, туку за подолг период. Тоа ќе значи дека тие, бидејќи имаат и други сопствени бизниси, ќе мора да ‘црпат’ од сопствениот бизнис за да претураат и да може да ги враќаат кредитите или кај банките да прават репрограмирање“, вели Анѓушев.

Ваквата ситуација според него може да резултира со пошироко влијание врз целокупната економија, а не само врз енергетиката, бидејќи за македонската економија 500 милиони евра се сериозни пари.

Анѓушев предложи и девет заклучоци со кои може да се интервенира во енергетскиот сектор.

Како прво, според него, треба да се следи ситуацијата и енергетските капацитети да се пуштаат или гасат согласно економската логика.

„Правилото да се пуштаат сите капацитети веќе не важи. Дали мазутот сега е доволно евтин за да работи ТЕЦ Неготино и да произведе струја и по која цена, или подобро е да увеземе струја бидејќи е поевтино и еколошки поефикасно. Бидејќи, исто е дали ќе увезуваме мазут, или друг вид енергија, ние увезуваме енергија“, вели Анѓушев, додавајќи дека сме енергетски сиромашна држава – сопствен јаглен веќе немаме, како и други енергенти немаме, а ни остануваат само обновливите извори енергија.

Второ, дека паралелно со фотоволтаиците треба да се оди паралелно со други видови обновливи извори енергија, затоа што даваат различен квалитет на електрична енергија.

„Фотоволтаиците и ветерните електрани се компатибилни, ветерните електрани имаат обратен профил од фотоволтаиците, но кога ќе изградите 400 мегавати фотоволтаици, а нула ветерници, тогаш имате проблем. Зошто не се градат електрани на биогас, или мали хидроелектрани, 40 отсто од малите ХЕЦ во Австрија и Германија се во национални паркови“, вели Анѓушев посочувајќи дека фотоволтаиците 80 отсто од енергијата ја произведуваат во 20 отсто од времето во годината, односно од април до септември од девет часот до пет попладне.

Според него, има три комерцијални начини како да се одбраниме од оваа ситуација.

Едниот е да реверзибилната електрана Чебрен, која кога придонесе за балансирање на цените и на енергијата. Но, со овој проект се доцни 60 година, а и да заврши сега процесот позитивно, за што се залага, тоа нема да го реши проблемот денес, туку за десетина години.

Втор комерцијален начин се батериските системи, а тоа може побрзо да се спроведе, но бидејќи станува збор за скапа инвестиција, потребно е дас е поддржи преку субвенции, или уште подобро, како што предложи Гечев од ИГМ трејд, преку укинување на царинските и даночните давачки, како што тоа е на пример во Словенија.

„Ако тоа не се направи сега, инвеститорите може да се соочат да имаат проблеми со враќање на кредитот и ќе се направи поголем проблем за економијата, отколку сега да се помогне за да се преброди ситуацијата“, вели Анѓушев.

Инаку, за батериски системи потребно е прво да се донесе соодветна легислатива.

Третата работа, на која што укажа Анѓушев е како да се постават компаниите во сегашната ситуација. Тој предлага секој да ја купи електричната енергија така како што е неговиот производствен или технолошки процес.

„Ако може да се прилагоди на оваа нова реалност, може да се заштедат и многу пари, на пример да се топи метал во саатите кога електричната енергија е најевтина. Значи, овој процес може да биде негативен, но ако компанијата е паметна и флексибилна, може да биде и позитивен“, вели тој.

Во однос на другите предлог заклучоци, Анѓушев вели дека државата треба да се врати на енергетската стратегија во која пишува и колку фотоволтаици може да издржи системот, колку ветерни електрани, во кој период, како да се развива паралелно мрежата…

Исто така, неопходно е државата, односно Министерството за економија да се сертифицира во меѓународни тела за да може да издава зелени сертификати кои се приход кој што инвеститорите во Македонија не можат да го остварат, а би биле помош во оваа ситуација, бидејќи како паѓа цената на струјата, расте цената на зелените сертификати.

Анѓушев ја поддржува иницијативата на МЕМО за берза на електрична енергија која треба да стартува во мај, но за да биде ликвидна треба да се донесе одлука во која што сите државни купувачи, а тоа се пред се ЕСМ, ЕВН хоум и други кои тргуваат на големо, да мора тоа да го прават преку берзата, како што тоа е во Бугарија на пример, а не со меѓусебен договор.

„Така ќе се зголеми транспарентноста и ќе ги снема приказните за тендери и тн,“, вели Анѓушев.
Исто така, според него, треба да се пуштат магистралните гасоводи, но потребна е и поширока потрошувачка низ државата односно треба што поитно да се почне со процесот на дистрибутивните мрежи низ градовите.

На крајот, треба да се мисли и за наредните десетина години, а тоа е хидрогенот.

„Ова ќе се случи од многу причини, но краткиот заклучок е во следната обновена државна стратегија да се вклучи хидрогенот и постројките. Односно кога енергијата е евтина таа да се искористи за производство на хидроген кој ќе се складира. Иднината е во хидрогенот, со хидрогенски авиони, од Европа до Австралија ќе се стигнува за пет часа“, вели Анѓушев.

(Извор: Независен.мк)

Latest Posts

Не пропуштај