More

    Лани за околу 20 отсто бил зголемен бројот на претставки до Народниот правобранител

    Бројот на претставки од граѓаните до Народниот правобранител во 2022 година се зголемил за околу 20 отсто во споредба со претходната година. Лани оваа институција примила 3.209 претставки од граѓаните, при што најголемиот дел од примените претставки се однесуваат на заштита на правата од областа на правосудството, или вкупно 534 претставки доставени во текот на 2022 година.

    Народниот правобранител Насер Зибери денеска во Собранието на РСМ го презентираше Извештајот за работата на Народниот правобранител во 2022 година. Тој посочи дека лани биле поднесени 337 претставки за потрошувачките права, 288 претставки во делот на работните односи, а од областа на детските права имало 252 претставки од граѓаните.

    Од вкупниот број на поднесени претставки во 2022 година, постапка била покрената по 2.173 претставки, додека за 737 поради надлежноста на Народниот правобранител истата не била покрената.

    Во делот на констатираните повреди, најголем број биле за заштита на правата на децата или вкупно 103, односно 15,08 отсто од вкупниот број. Институциите постапиле по укажувањето на Народниот правобранител во 87 случаи.

    Правобранителот Зибери потенцира дека загрижува податокот за најмногу констатирани повреди кај децата, а правобранителството утврдило натежок облик на дискриминација односно сегрегација во две училишта во Битола и во Штип.

    Имено, во двете основни училишта „Ѓорѓи Сугаре“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип има паралелки претежно составени од ромски деца, а токму во овие училиште биле зачестени појави за давање согласносности за запишување на ученици најчесто од македонска етничка заедница во други општински училишта.

    „За овој случај Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која е констатирана сегрегација“, изјави народниот правобранител Зибери.

    Народниот правобранител денеска укажа и на потребата од образовни асистенти за ученици со попреченост во средните училишта. Тој побара системско и трајно решение за овие лица, но и пратениците од Собранието конечно да ги донесат измените на Законот за средно училиште да се донесе.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version