More

    Што сè (не) реализираше Арсовска досега?

    Изминуваат 18 месеци откако Град Скопје ја доби првата жена градоначалник во ликот на Данела Арсовска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.

    Арсовска која убедливо победи на изборите, пред граѓаните излезе со амбициозна програма насловена За модерно Скопје.

    Во неа клучен дел се 15 +1 ветување односно 16 те најважни проекти кои Арсовска и најмногу ги рекламираше за време на кампањата.

    Што не е реализирано?

    Во тие ветувања беше и бесплатниот автобуски превоз, кој Арсовска се уште не го остварила.

    И не само што нема бесплатен превоз, туку и едвај го има постоечкиот затоа што приватните превозници не возат неколку месеци па граѓаните мака мачат во преполнети автобуси кои често пати и доцнат.

    Во програмата е наведена и набавката на 250 нови еколошки автобуси, но и ова досега не е реализирано, а Арсовска три пати се обидуваше да го задолжи градот за набавка на нови автобуси, но советниците таквите предлози редовни ги одбиваа.

    Пет нови мега паркови ветуваше Арсовска но досега нема завршено ниту еден. Почнаа некакви работи на еден од мега парковите, оној на депонијата во Ново Село, но и тој е далеку од реализација, додека другите четири мега парка многу повеќе се најавуваа отколку што реално се работи на нив.

    Далеку од реализација се и петте нови булевари, а ги нема ниту зелените коридори на реката Лепенец и Серава што Арсовска исто така ги ветуваше пред изборите.

    „Планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот“ стои во Програмата на Арсовска, но денес на шест месеци до првата половина од нејзиниот мандат Луна паркот во Скопје е во статус кво состојба.

    Освен корекцијата на цените на дел од паркинзите и формирањето на Зелениот еко совет, речиси ништо друго од 16те клучни ветувања, Арсовска се уште ги нема исполнето, а нема ниту започната реализација.

    Освен за своите, Арсовска се однесува идентитчно и за наследените проекти кои или не се реализираат или се реализираат со премногу бавно темпо.

    Запрена е изградбата на Универзална сала и на мостот АСНОМ, додека бавно се реализира изградбата на улицата Есенинова и клучката кај Момон поток.

    Што е реализирано?

    Првите месеци од мандатот Арсовска се пофали со нивелирани шахти и неколку реконструирани улички низ општините, претставувајќи го тоа како епохален успех, по што следуваше затишје во реализацијата на проекти.

    Единствен покрупен проект што Арсовска го реализираше беше реконструкцијата на 500тини метри од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, но неговата реконструкција траеше предолго и одземе шест месеци, а откако беше пуштен во употреба наиде на критики од граѓаните поради лошо поставените столбови за велосипедските патеки и лошо изведениот дрворед на тротоарите.

    Арсовска не вети, но исполни растурање на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, не вети но исполни максимална затвореност и нетранспарентност на градската администрација, но и постојани промени на директорските позиции во градските претпријатија и установи.

    Речиси една половина од мандатот потроши Арсовска а за тој период во јавноста многу повеќе се зборува за скандали отколку за реални реализирани проекти.

    Извор: 24info.mk

    Exit mobile version