More

    Изградбата на коридорите 8 и 10д ќе започне и со постојните закони, огласени и работни позиции

    Изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, според најавите, ќе стартува претстојниот викенд.

    Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) вчера објави оглас за ангажман на работен кадар, а  продолжија реакциите и барањата да се објави содржината на Договорот со изведувачот, како и дебатата и блокадите во Собранието за предложените законски измени што според власта треба да овозможат навремена реализација на проектот. Владата останува на ставот дека Договорот со „Бехтел и Енка“ е со одреден степен на доверливост и оти увид во него ќе има Јавното обвинителство, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тврди дека го добила од свиркачи почна да објавува, како што вели, скандалозни одредби од него.

    Откако Левица со  1.111 амандмани ја блокираше дебатата во собраниската Комисија за труд и социјална политика за измените на Законот за работни односи што треба да овозможат зголемување на бројот на прекувремени часови за работниците кои ќе бидат ангажирани на проектот, премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека изградбата на коридорите ќе се реализра и оти и со сегашните законски решенија може да се работи над 40 часа, со согласност на работникот.

    -Согласно сегашните законски решенија кај нас и во моментов може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и 50 часа по свој избор и со нивна согласност, рече Ковачевски, на новинарско прашање дали работниците за кои објави оглас ЈПДП за изградбата на автопатите ќе работат неделно со 40-часовно работно време.

    Доколку се донесат законски решенија кои што ќе предвидат други услови за работа, порача премиерот, тогаш ќе се применат тие услови за работа.

    -Коридорот 8 ќе почне да се гради и Коридорот 8 ќе се изгради, и Коридорот 10 д. Сите оние кои не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструтура, кои не сакаат да ја видат државата поврзана со земјите од регионот, и дел од ЕУ, за жал, ќе мора да ги разочараме дека ќе има и Коридор 8 и Коридор 10 д и членство во ЕУ, исто како што имаше членство во НАТО, изјави Ковачевски.

    Потсети дека Договорот со „Бехтел и Енка“ не се објавува, бидејќи како комерцијален  содржи делови со назнака на доверливост, односно деловна тајна на компанијата изведувач, податоци кои таа сака да ги заштити од конкуренцијата. Владата веќе го овластила ЈПДП да го достави до Јавното обвинителство Договорот и тоа ќе биде направно во најскор можен рок.

    По бројните апели од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период да се објави содржината на Договорот вчера деветмина пратеници  од оваа партиија кои поседуваат безбедносни сертификати упатија писмено барање до Ковачевски да им го достави Договорот. Таквото барање, како што изјави пратеникот Антонио Милошоски, е врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.

    -Премиерот Ковачевски потврди дека овој договор има одреден степен на доверливост.  Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело, изјави Милошовски.

    Заедно со барањето до премиерот се испратени и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати за да може да го добијат Договорот. Доколку не го добијат Договорот, најави дека ќе продолжат со притисоци до Владата. Планираат старт на работата на собраниските комисии чии претседатели се од ВМРО-ДПМНЕ  откако ќе го добијат договорот, долго да говорат на седниците, како и да поднесат бројни амандмани.

    Дебата за проектот во Собранието, имаше и вчера откако Комисијата за економски прашања  ја продолжи работата по измените на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, еден од осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Во вчерашната работа на Комисијата беше отфрлен еден од двата амандамни на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а поднесени се уште два од пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП.

    Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека за издавање дозволи за ископување треба да остане постојното решение за побрзо издавање дозволи и според нив, предлагачите на законските измени не водат сметка за штетите што ќе настанат. Нивните колеги од СДСМ и ДУИ; пак, се на став дека со измените ќе се забрза  и олесни постапката за изградбата на коридорите и оти опозициската партија се однесува како да не сака да се изградат.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и вчера упати критики за Договорот со „Бехтел и Енка“  оценувајќи го како скандалозен по стотина основи. Повикувајќи се на верзија од Договор што партијата го добила од свиркачи, Мицкоски рече дека во случај на спор за него ќе биде важечко англо-саксонското законодавство.  Тоа, како што изјави Мицкоски,  е англосаксонски модел, ние имаме континетален и едниот со другиот се некомпатибилни.

    -Во Договорот има елемент кој што вели вака: Законодавстото пред којешто одговара овој Договор е законодавството на Англија и Велс. Го анализиравме Договорот и на „Актор“ и на „Синохидро“. И едниот и другиот се поврзани со законодавството на Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што при спор и арбитража ќе биде важно законодавството на државата во којашто се случил овој проект. За разлика од тие два проекта, за овој проект важечко законодавство при евентуален спор ќе биде законодавството на Англија и Велс. Тоа е англосаксонски модел на правен систем, а ние имаме континетален. Едниот со другиот се некомпатибилни и доколку утре имаме спор, а ќе имаме бидејќи во самиот договор нема цени од тоа што можевмеда го видиме за најмалку 30 ставки, тогаш ќе треба да се појавиме пред Меѓународната стопанска организација во Париз и да го водиме тој спор, а тогаш адвокатите од Македонија се неприменливи затоа што законодавството на Македонија не е важечко, туку тоа е на Англија и Велс, изјави Мицкоски.

    Почетокот на проектот е најавен за 22 април, а министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека јавноста навреме ќе биде информирана за сите активности.

    – Ќе информираме за се и ќе ве повикаме каде треба да бидете за да дојдете и заедно да направиме увид во градежни работи, да информираме до каде е проектирањето на трасата, експропријацијата, процентите на експропријација, кои што ќе се водат во идниот период… Проектот е на Владата, таа ги реализира овие проекти и согласно на тоа поставува координатори, инженери и лица од ЈП кои ќе ги координарат овие процеси со цел да бидат изведени брзо и навреме, рече Бочварски на новинарско прашање.

    Со огласот што го објави вчера ЈПДП за вработување работници за изградбата на коридорите се бараат високообразовни кадри од градежништвото, административни работници и возачи. Работниците  ќе работат во една смена, 40 часови во неделата, а ќе добиваат основна плата од 29.866 до 70.052 денари зависно од работната позиција. Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер, со искуство од најмалку шест години. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно работно време во прва смена. За местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кандидатот треба да биде градежен инженер и е предвидена плата од 65.029 денари.  Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари, а за оваа позиција потребна е диплома од некој од факултетите за општествени науки. На огласот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. За ова место кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И тие ќе имаат работно време од 40 часа во неделата, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари.  Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари, како и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари.За плата 30.000 денари се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование. Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават за пет работни позиции предвидени во огласот. Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер, пренесе МИА.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version