Последни написи

Анализа на ИКС: Медиумски писмените граѓани се справуваат подобро со дезинформациите

Граѓаните кои се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето дезинформации, можат активно да учествуваат во процесот на следење вести, и подобро знаат и умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив. На овој начин, тие стануваат граѓани кои, освен што се помалку ранливи во однос на дезинформациите, се и активен субјект во општеството, покажува анализата „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, што ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Анализата се фокусира на утврдување на индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформации, како и на поврзаноста на медиумската писменост со умешноста за препознавање на дезинформации во интернет-вестите. Како ранливи групи се идентификувани младите лица на возраст меѓу 18 и 28 години, возрасните лица над 60 години, и лицата од социјално ранлива категорија (приматели на некаков вид социјална помош).

Како што соопштија од ИКС, ова истражување е иновативно по тоа што за првпат прави соодветна скала и индекс на медиумска писменост, во обид да се провери дали и на кој начин можат да се мерат: писменоста за вести, мотивацијата, но и свесноста за бариерите кај ранливите групи граѓани во процесот на препознавањето на дезинформациите.

Анализата е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај