Експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски во изјава за Сител ТВ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ би можеле да бидат предомислени да ги поддржат уставните измени доклку истовремено се направи отстапка и се поддржи нивниот предлог од 2014 година за промена на државниот грб.
Спасеновски истакна дека грбот со црвен лав на жолта позадина и пет кули, бил прифатлив за ДУИ бидејќи грбот на многу стари албански семејства е лавот, како и грб на градот Тирана, додека круната е општоприфатен симбол за скопското Кале.
Според него, со прифаќањето на оваа измена, заедно со уставните измени потребни за продолжување на патот кон ЕУ, ќе се отвори можност за опозицијата да се вклучи во дискусијата и да ги поддржи измените.
ВМРО-ДПМНЕ како партија одби да учествува во работната група за уставните измени, но ова е втор обид на партијата или нејзини претставници да даваат предлози кои за нив би биле прифатливи и можност за нивна поддршка на уставните измени со цел продолжување на преговорите со ЕУ.
Претходно, партијата го предложи хрватскиот модел на внесување на заедниците во нивната Преамбула на Уставот, како модел со кој тие би го поддржале внесувањето на Бугарите во Уставот.
Од Владата неколку пати ги повикаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, наместо по медиуми и со соопштенија, предлозите, идеите и забелешките за уставните измени да ги даваат во работната група, каде што ќе може претставниците на партиите и експертите заеднички да дојдат до решение, кое потоа ќе биде презентирано пред пратениците.