More

    Што се случува во најголемата нуклеарна централа во Европа: Од 11.000 вработени останати се само 2.000, доаѓаат на работа со надеж дека тоа нема да им биде последниот ден

    Најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, во последните 13 месеци е под руска окупација. Taa порано произведуваше четвртина од целата електрична енергија во Украина, но сега е ставена во состојба на мирување. Таму се уште работат голем дел Украинци, како и Руси, кои се донесени од Русија заради посебните барања на специфичните работни обврски и ризикот што тие ги носат.

    Украинските работници во нуклеарната централа Запорожје од март минатата година секој ден доаѓаат на работа вознемирени и со надеж дека тоа нема да им биде последниот ден.

    На влезот ги пречекуваат студените погледи на руските војници кои ги прегледуваат нивните документи. Сите нивни работни места се под контрола на вооружените руски војници, вклучувајќи ги и ходниците и секаде каде што минуваат додека ги извршуваат секојдневните обврски, пишува хрватскиот „Јutarnji.hr“.

    Нуклеарната централа Запорожје во југоисточниот украински град Енерходар е под постојан притисок – четири од шесте реактори се затворени и ставени во студена состојба за да се елиминира ризикот поради гранатирањata, два реактори се рестартирани за да се произведува ниско ниво на моќност и да се одржува централата во функција.

    На објектот му треба пристап до електрична енергија за да обезбеди ладење на реакторот и други безбедносни функции. Сепак, далноводите беа прекинувани најмалку шест пати од март, принудувајќи ја нуклеарната централа Запорожје да се потпира на дизел генераторите, а неколку пати реагираше и Меѓународна агенција за атомска енергија МААЕ за да се смири состојбата.

    На почетокот Русите се обидоа да се претстават како ослободители, но со текот на времето нивното „владеење“ стануваше сè посурово.

    Работниците кои не ги почитувале руските правила или покажувале непочитување кон војниците биле фрлани во „јама“.

    -Јама е колективен термин за неколку подруми и соби за мачење што ги имаат во околината на Енерходар и блиското Мелитопоље. Многумина не се вратија од таму – изјавил за Политико, Олексиј Мелничук, поранешен вработен во нуклеарната централа Запорожје, кој побегнал од Енерходар во јули минатата година.

    Дмитро Орлов, протераниот градоначалник на Енерходар, изјави дека неговиот заменик Иван Самоидиук поминал 333 дена во руски затвор само затоа што ја извршувал својата работа.

    – Морав постојано да поднесувам барања до специјалните служби за да ми помогнат да го спасам – рекол Орлов.

    Покрај апсењето на украинските работници кои се против окупацијата, Русите носат и свои работници во нуклеарната централа, надевајќи се дека заканата од предизвикување нуклеарна несреќа ќе ги спречи украинските војници да пукаат во нив.

    Во Запорожје се уште работат околу 2.000 Украинци, од вкупно 11.000 колку што биле пред војната. Москва вели централата е под контрола на нивната „Росатом“ и дека на овие вработени кои се уште се останати им исплаќа поголеми плати отколку кога Запорожје била под украинска власт и дека е зголемен бројот на украински персонал кој бара руско државјанство.

    Киев, пак, ги демантира овие тврдења и посочува дека вработените се уште се платени од нивната државна енергетска компанија Енергоатом.

    „Енергоатом продолжува да им исплаќа плати и работни бонуси на оние вработени кои одбија да соработуваат со непријателот. Дури и оние кои престанаа да одат на работа или им беше забрането од Русите да одат на работа, ги добиваат своите плати секој месец – изјави Петро Котин, претседател на Енергоатом.

    За тоа време нуклеарната централа станува сè понестабилна.

    „Росатом нема никакво влијание врз армијата и не ја контролира ситуацијата таму. Војниците го ограничуваат движењето на украинскиот персонал и не им дозволуваат да влезат во зградите каде што руската армија складира ракетни фрлачи и друго оружје“, додаде Котин.

    Росатом тврди дека ќе ја спои централата со руската енергетска мрежа, но Котин вели дека малку е веројатно тоа да се случи дури и во услови на мир бидејќи ги немаат портребните експерти, а не пак за време на војна.

    Извор: brif.mk

    Exit mobile version