More

    Лекарот што објави пациентки на Тик Ток се соочува со одземање на лиценцата за работа

    Привремено одземање на лиценцата за работа во траење до седум години – со ваква казна се соочува анестезиологот од Тетово кој пред неколку дена беше приведен бидејќи објави снимка на Тик ток од пациентки на гинеколошкиот оддел во Клиничката болница во Тетово. Ова денеска го изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претстедателката на Лекарската комора.

    „Согласно правните регулативи, членовите на Судот на честа имаат неколку правни делувања кои може да ги преземат кон докторите кои ќе направат прекршок. Едното е јавна опомена, потоа, привремено одземање лиценца и трајно одземање лиценца за работа. За прекршување на етичкиот кодекс, максимум што може да се направи е привремено да се одземе лиценцата, во времетраење до седум години“, појасни Гривчева Старделова.

    Трајното одземање лиценца, додаде таа, се прави по одлука на суд, ако станува збор за несовесно лекување кое завршило со смрт.

    „Нема да дозволиме изолирано и несовесно однесување на поединци да биде препишано на одговорност на сите лекари кои секојендвно лекуваат пациенти. Овде се работи за прекршок на етичкото работење и овде не мора да чекаме судска одлука за да постапиме. Има правила како ние треба да се однесуваме и со каква почит треба да се однесуваме кон нашите пациенти“, потенцира претседателката.

    Сепак, финалната одлука за времетраењето на одземањето на лиценцата на анестезиологот, ќе биде донесена идната недела, од членовите на Судот на честа.

    Пред три дена, по пријава од директорот на Клиничка болница Тетово, дека В.Д. (43), анестезиолог во болницата, снимал и објавувал на ТикТок лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош, полицијата го привела анестезиологот во тетовското село Одри.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version