More

    Дигиталната трансформација ќе овозможи граѓаните на едно место да добиваат многу услуги

    Владата планира да воспостави Интегрирани сервисни центри (One point of service), кои го нудат концептот на едношалтерски систем и кои ќе бидат достапни за сите граѓани на 333 пунктови на државно ниво. Со ова, граѓаните ќе можат да добијат многу услуги на само една локација и ќе бидат дел од инфраструктурата на АД Пошта на Северна Македонија. Ова е главната новина која ја соопштија денеска на прес-конференција, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

    Тие ги презентираа процесите на дигитализација и дигитална трансформација на нашата држава во следниот период.

    „На административните шалтери ќе се овозможи лицата со посебни потреби да имаат приоритет за добивање на административни услуги. Се предвидува субвенционирање програми што се од стратешки интерес за државата, како што се сајбер безбедноста, вештачката интелигенција, како и воведување на дигитална лична карта“, рече премиерот Ковачевски.

    Новата дигитална агенда на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е една од главните точки на новата национална развојна стратегија. Новите процеси треба да го подобрат работењето на јавната администрација и да обезбедат брзи услуги за граѓаните.

    Планирано е да се основа и Агенција за дигитализација, со што ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација која ќе влијае на ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето.

    „Со тоа ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација, која ќе ги подобри ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето и ќе придонесе кон стабилен економски раст на земјата. Ваква Агенција за дигитализација ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои што работат на ова поле, меѓутоа да стане и конкурентна во делот на привлекување на ИТ инженери, кои знаеме дека се дефицитарни и кои што имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди кадрите кои што се потребни на полето на дигитализацијата и на полето на сајбер безбедноста“, рече премиерот.

    Целта е да се намали времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација.

    „Овие услуги ќе бидат достапни во реално време, ќе бидат транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето на процесите ќе бидат минато“, рече министерот Алиу.

    Тој кажа дека МИОА веќе има обезбедено интегрирани услужни пунктови во пет градови, кои го нудат концептот на едношалтерски систем, а со новата Стратегија за дигитална трансформација, граѓаните ќе имаат можност да ги добиваат овие услуги во сите населени места.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version