More

    Почнува трката за нов ректор на УКИМ, рокот за кандидатури е 2 мај

    Најстариот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од септември треба да добие нов ректор за мандатниот период септември 2023 – септември 2026 година. Во јавниот оглас кој е објавен на веб-страницата на УКИМ, пишува дека условите за избор на ректор се: кандидатот да биде државјанин на С. Македонија, како и да е еден од редовните професори на универзитетот.

    „Кандидатите кои ќе се пријават треба да достават пријава, програма за работа, биографски и библиографски податоци, уверение за државјанство, одлука за избор во звањето редовен професор. Документите се доставуваат до Универзитетската изборна комисија“, пишува во јавниот оглас.

    Рокот за доставување на кандидатурите е 2 мај. За ректорската позиција може да конкурираат сите редовни професори на УКИМ. За тоа кога точно ќе се случат изборите ќе одлучат членовите на Универзитетската изборна комисија. Ќе се гласа на 23 факултети и 5 институти при УКИМ. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, кои избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор.

    Неодамна беше формирана Универзитетската изборна комисија, која ќе го спроведе изборот за ректор. За членови се избрани проф. д-р Зоран Богатиновски од Машински факултет, проф. д-р Родна Живковска од Правен факултет, проф. д-р Билјана Зафирова од Медицински факултет, доц. д-р Анета Јовковска од Православен Богословски факултет, проф. д-р Сашо Јосимовски од Економски факултет, проф. д-р Коста Митрески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, како и студентот Петар Крстевски.

    Актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој беше професор на Медицинскиот факултет, за прв пат беше избран за ректор во 2016 година. Потоа, во 2020 г., беше реизбран со нов мандат од три години. Мандатот за оваа позиција беше намален од четири на три години, со измените во Законот за високо образование усвоени во 2018 година.

    Exit mobile version