More

    Договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до Франкфурт, Луксембург, Штутгард, Салцбург и Љубљана

    Со субвенции од Владата, германската авиокоманија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Виз Ер“ четири, – од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана.

    Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски  на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“.

    „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Виз Ер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

    – Со „Луфтханза“ преку Франкфурт се поврзуваме со повеќе од 200 дестинации. Преку субвенцонирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на авиосообраќајот, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.

    Бочварски потенцираше дека се воведени нови дестинации за кои имало голем интерс од граѓаните.

    – Има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации, најави Бочварски.

    Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version