More

    Богоев: Има позитивни сигнали за уставните измени од опозициски пратеници, функционери и градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ

    Уставните измени кога-тогаш ќе се случат, европскиот пат на државата не може да го сопре Мицкоски заедно со неформалниот партнер Левица, вели потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за Фокус. Според него има позитивни сигнали за уставните измени и од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

    -Нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати. Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Тоа се охрабрувачки информации каде што тие се свесни дека ова е нешто што треба да го направиме за да го продолжиме европскиот пат, вели Богоев.

    Тој додаде дека од друга страна, тие се наоѓаат во деликатна ситуација заради хистеријата што Мицкоски и Апасиев ја искреирале летово, особено со протестите во јули.

    – Таа хистерија што се искреира, на некаков начин им го отежнува просторот за делување на овие луѓе и структури во ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, тие се цврсто убедени дека ова е начинот и патот по кој треба да чекориме. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат и јавно и да дадат поддршка, кажа Богоев.

    Тој не открива за кој градоначалник станува збор.

    -Можеби и ќе се изненадите. Сепак градоначалниците се среќаваат со дипломати не само партиски, туку и за проекти и слично, па ги користат тие прилики за да изразат политички позитивен став европската приказна која ја предводи СДСМ, истакна потпретседателот на СДСМ.

    Извор: frontline.mk

    Exit mobile version