More

    Уставниот суд разгледуваше четири иницијативи за оценка на уставноста

    Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за градење, а ја одби иницијативата за покренување постапка за член на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови. Иницијативите за постапки по Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ и за член од Законот за судските такси не го добија потребното мнозинство гласови и ќе бидат повторно ставени на гласање на следната седница на Судот.

    Како што соопшти Уставниот суд, иако судијата-известител предложи поведување на постапка за Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ АД Скопје, ваквиот предлог не го доби потребното мнозинство и поради тоа овој предмет повторно ќе биде ставен на гласање на следната седница. Подносители на иницијатива за постапка за овој Закон се Светскиот македонски конгрес и партијата Левица.

    Потребното мнозинство гласови за покренување постапка не ја доби ниту иницијативата, поднесена од адвокатот Бобан Богдановски, кој ја оспорува уставноста на член 6 став 3 од Законот за судските такси. И овој предмет ќе биде ставен на дневен ред на следната седница на Судот.

    Уставните судии ја отфрлија иницијативата за преиспитување на уставноста на член 30 во делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, бидејќи согласно член 27 алинеја 1 од Деловникот е ненадлежен да одлучува за ова прашање.

    – Имено, наводите се сведуваат на барање на постапување на Уставниот суд, што не е во негова надлежност, туку во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува и воедно врши и технички и исправки и корекции на прописите кои ги донесува, се наведува во образложението на Судот.

    Подносител на иницијативата, Игорчо Точев од Кочани, со иницијативата ја оспоруваше одредбата „Со изменување на Законот за складирање и заштита од запаливи течности и гасови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 12 од 4 март 1993 година, е направена измена во член 30 зборовите „републичкиот секретар за внатрешни работи“, „републичкиот секретар за индустрија и трговија“, „републичкиот секретар за урбанизам, станбени и комунални прашања“ се заменуваат со зборовите „министерот за внатрешни работи“, „министерот за стопанство“ и „министерот за урбанизам градежништво сообраќај и екологија“.

    Судот реши да поведе постапка за оценување на уставност по иницијатива на Игорчо Точев за членот 152 став 1 точка 2 во делот „став (4)„, член 154 став 1 точка 2) во делот „став (4)”, член 156 став 1 точка 8) во делот „став (4)” и член 158 став 1 точка 4) во делот „став (4)” од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија”, број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015 (две измени), 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022).

    – По сопствена иницијатива Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 точка 2) во делот „став (4),”, член 156 став 1 точка 8) во делот „став (4)” и член 158 став 1 точка 4) во делот „став (4),” содржани во истиот закон. Судот поведе постапка бидејќи одредбите треба да бидат прецизни, недвосмислени и јасни и само како такви да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како негов составен дел, што не е сторено во конкретниот случај од страна на законодавецот. Имајќи предвид дека во наведените оспорени членови од Законот за градење како упатувачка норма стои „став (4)”, а треба да стои „став (7)”, според Судот не е во согласност со принципот на владеењето на правото, се наведува во соопштението.

    Поради оправдано отсуство на судијата-известител, Фатмир Скендер на денешното заседние, решено е предметите У.бр.32/2022, У.бр.144/2019 и 114/2022 да бидат ставени на дневен ред на наредната седница.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version