Дигиталната апликација – Аудио читач „Кико“, со која ќе се олесни комуникацијата и функционирањето на слепите лица, ќе биде бесплатна и ќе може да се користи без интернет поддршка. Апликацијата е достапна за мобилни телефони Андроиди, како и во десктоп верзија за персонални компјутери.
Инсталирањето на Апликацијата „Кико“ е многу едноставно. Преку Google Play Store потребно е да се пребара RHVoice апликација, откако ќе се инсталира апликацијата RHVoice, потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, потоа да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот „Кико“.
Слепите лица и лицата со оштетен вид со децении имаа потешкотии при извршување на секојдневните обврски, при учење и читање, затоа што не постоеше аудио читач на македонски јазик, кој соодветно ќе одговори на нивните потреби. Тие беа принудени да користат аудио читачи од соседните земји, на друг јазик, со роботски глас, што во секој поглед им создаваше проблеми.
Од тие причини членовите на Националниот сојузот на слепи лица на Македонија изразија благодарност до УНДП, до Министерството за труд и социјална политика и до министерката Јагода Шахпаска, која беше главен иницијатор за креирањето на оваа апликација. Оваа дигитална алатка е изготвена по најсовремени стандарди и со поддршка на експерти специјализирани за изработка на говорни синтези со искуство во неколку говорни подрачја.
(Извор: Frontline.mk)