More

    Од буџетот на ЕУ за периодот 2021 до 2027 година за земјоделството се издвоени 386,6 милијарди евра

    Поддршка за земјоделството преку Заедничката земјоделска политика

    Европската Унија го поддржува земјоделството во рамките на Заедничката земјоделска политика ЗЗП (Common agricultural policy CAP). Објавена во 1962 година, таа претрпе низа реформи за да обезбеди поправедно и поодржливо земјоделство за земјоделците.

    Во ЕУ земјоделскиот и прехранбениот сектор заедно обезбедуваат речиси 40 милиони работни места.

    Заедничката земјоделска политика е насочена кон подобрување на продуктивноста, промовирање на руралниот развој и решавање на еколошките и климатските предизвици, како и обезбедување праведни приходи за земјоделците.

    Тие цели се постигнуваат преку:

    -Поддршка на приходите во форма на директни плаќања за да се обезбеди стабилност на приходите на земјоделците

    -Плаќања за еколошки прифатливо земјоделство и грижа за руралните средини

    -Пазарните мерки за помош во решавањето на пазарните кризи и стимулирање на побарувачката

    -Мерки за рурален развој наменети за посебни предизвици во руралните средини

    Како се финансира Заедничката земјоделска политика?

    ЗЗП се финансира од буџетот на ЕУ. Во долгорочниот буџет за периодот од 2021 до 2027 година за земјоделството се издвоени 386,6 милијарди евра. Средствата се поделени на два дела:

    -291,1 милијарди евра за Европскиот земјоделски гарантен фонд (EAGF), кој обезбедува поддршка за приходите на земјоделците
    -95,5 милијарди евра за Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD), кој вклучува финансирање за руралните области, климатската политика и управувањето со природните ресурси.

    Поттикнување на органското земјоделство

    Минатата година за првпат беше востановена наградата за најдобри достигнувања во органското земјоделство во ЕУ. Конкурсот за оваа година беше неодамна отворен и ќе трае до 14 мај 2023 година.

    Целта на наградата е да им се оддаде признание на различните актери во синџирот на органски вредности кои развиле иновативен, одржлив и инспиративен проект кој резултира со вистинска додадена вредност за производство и потрошувачка на органска храна.

    Доделувањето на наградата ќе се одржи во Брисел на 25 септември 2023 година.

    Органските награди на ЕУ се заеднички организирани од Европската комисија, Европскиот економски и социјален комитет, Европскиот комитет на регионите, COPA-COGECA и IFOAM Organics Europe, со учество на Европскиот парламент и Советот.

    Ќе бидат доделени осум награди во седум категории:

    • Најдобар органски земјоделец (женски и машки)
    • Најдобар органски регион
    • Најдобар органски град
    • Најдобра органска „био област“
    • Најдобри мали и средни претпријатија за преработка на органска храна
    • Најдобар продавач на органска храна
    • Најдобар органски ресторан/услуга за храна

    За награда може да конкурира секој поединец или институција од ЕУ во синџирот на вредност на органското производство со проект кој придонесува за поголема достапност на органски производи. Апликациите може да се поднесуваат на сите официјални јазици на ЕУ.

    Според најновиот Евробарометар, признавањето на логотипот на органско земјоделство во ЕУ расте, при што 61% од Европејците го препознаваат. Уделот на земјоделското земјиште во ЕУ под органско земјоделство исто така се зголеми за повеќе од 50% во периодот 2012-2020 година, со годишен пораст од 5,7%, според најновиот пазарен извештај објавен од Европската комисија.

    Органското земјоделство игра клучна улога во развојот на одржлив систем за храна за ЕУ. Во 2021 година, Европската комисија усвои акционен план за поддршка на постигнувањето на целта најмалку 25% од земјоделското земјиште во ЕУ да биде под органско земјоделство. Во овој контекст, од земјите членки беше побарано да постават национални цели за органското земјоделство и да бидат амбициозни во однос на развојот на органското производство.

    Извор: agrotim.mk

    Exit mobile version