More

    Жестоки реакции за законските измени: Надзорот не може да постапува со археолошките наоди

    Во законскиот предлог се вели дека „доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено археолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно откритие да го извести надзорниот инжинер“, наместо да биде пријавено до јавна установа за заштита или до МВР

    Пишува: Мери Јордановска

    Жестоки реакции од повеќе страни пристигнуваат во однос на предлог-законските измени за заштита на културното наследство, кои денеска се пред пратениците, а се поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10.

    Од Македонското археолошко друштво (МАД) пред Собранието денеска искажаа револт од предлогот за законски измени, а со остра реакција излезе и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети Македонија, кој е дел од ИКОМОС недвижното културно наследство, вклучувајќи го и археолошкото наследство.

    Имено, во законскиот предлог се вели дека „доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено археолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно откритие да го извести надзорниот инжинер“, наместо како досега, истото да биде пријавено до надлежната јавна установа за заштита или до МВР.

    Од ИКОМОС тврдат дека со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализирани, квалификувани и одговорни да преземаат мерки за заштита на наследството.

    „Во нивна ‘замена’, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди, ниту да постапува на стручен начин со истите ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита“, реагираат од ИКОМОС.

    Оттаму стравуваат дека доколку се прифати измената на член 65, културното наследство ќе биде изложено на директна опасност од уништување и губење. Оттаму велат дека ваквите одредби се спротивни на сите конвенции за културно наследство кои предвидуваат „задолжително известување на надлежните органи за случајни наоди на архитектонско надледство и создавање услови за натамошно проучување“.

    Со ист став денеска пред Собранието излегоа и претставниците од Македонското археолошко друштво. „Археолошките локалитети не се пречки на патот“, „Имате ли совест?“ „Вандали од 21-от век“ и „Културното наследство е глобална вредност“, гласеа дел од пораките истакнати на протестот.

    „Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Господа пратеници, не смеете да дозволите заобиколување на постоечките правни норми, и институционалниот систем кој државата го изградила да го штити културното наследство, кое е од исто толку голем јавен интерес како и инфраструктурните проекти, и уставно загарантирана темелна вредност, која се заштитува во секакви околности и на целата територија“, се вели во соопштението од Македонското археолошко друштво.

    Од МАД ги повикаа претседателот на државата, Стево Пендаровски, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во државава, граѓанските здруженија и дипломатските претставништва, да се приклучат кон апелот да се повлечат спорните законски измени пред да биде доцна.

    „Не постои начин, ниту било какви средства на светот што ќе можат да го вратат уништеното културно наследство, кое не е само наше, туку е светско и треба да го оставиме за идните генерации“, велат од Македонското археолошко друштво.

    Во предложените дополнувања дека со законските измени би се „надминале  проблемите на изведувачите на работите во однос на обврските кои за нив
    произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи на проекти од државно значење“.

    Предложените дополнувања на Законот за заштита на стратешки интереси, според предлагачите, се со цел поефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар –
    Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот
    10д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

    Извор: meta.mk

    Exit mobile version