More

    Апелација ја потврди казната за поранешниот претседател на Врховниот суд, Вангеловски

    Апелација ја потврди условната казна од една година и шест месеци затвор на која е осуден експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Ова го потврдуваат од второстепениот суд. Отфрлени се жалбите на Обвинителството за повисока казна, како и жалбите за сторени суштествени повреди во постапката и барање ослободителна пресуда од Вангеловски. Тој одговараше за сторено дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

    „Првостепената пресуда е потврдена. Првостепената беше условна осуда“, посочија од Апелација.

    Вангеловски се гонеше бидејќи како претседател на Врховниот суд донел поединечни решенија за сите судии на овој суд, со кои им го утврдил додатокот на платата за ноември во износ од 35 % од основната плата, кој во согласност со законот им следува за посебни услови за работа, постоење висок ризик и доверливост.

    „Притоа, свесно, со намера потешко да ѝ ги повреди правата, обвинетиот не донел решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839,00 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа. Обвинетиот постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на платата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело што му се става на товар“, соопштија од Обвинителството во 2020 година кога го поднесоа обвинението

    Вангеловски од функцијата судија и претседател на судот официјално беше разрешен во март 2020 поради несовесно вршење на функцијата, односно поради укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан во 2017 година додека тој беше во бегство.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version