Последни написи

Во караници помина расправата за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Во тензична атмосфера и со низа забелешки од приватните комерцијални телевизии помина втората јавна расправа за измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ). Откако си ги кажаа забелешките, претставниците на дел од телевизиите одлучија да ја напуштат денешната јавна расправа и да не ги сослушаат останатите учесници на настанот.

Иван Мирчевски од телевизија „Канал 5“ рече дека со колегите од „Алфа“, „Алсат“ и „Телма“ вчера имале состанок со експертскиот тим за законските измени и како Македонска медиумска асоцијација (ММА) имаат низа забелешки, кои бараат да се вклучат во измените и дополнувањата на ЗААВМУ. Негова лична забелешка беше дека експертскиот тим веќе подготвил законски измени и дека има агенда која што ја тера цело време.

„Ако ова го правиме со цел само заради „Креативна Европа“, а не поради подобрување на медиумскиот пазар, треба да се прашаме што правиме тука“, рече Иван Мирчевски.

Според него, законските измени наликуваат на шминка, а се прескокнуваат основните проблеми кои ги нотирал и самиот експертски тим, со кои, како што рече, се врши дисторзија на целиот пазар.

Како телевизии, членките на Македонската медиумска асоцијација имаат свои забелешки кои инсистираат да бидат имплементирани во измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Мирчевски спомена дека тие бараат во членот 3 од ЗААВМУ да се вметне термин и дефиниција, па под „аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“ да се додадат и оние портали кои емитуваат телевизиска програма.

„Телевизијата не се дефинира според начинот на емитување, некогаш беше аналогна, сега е дигитална се користи вајбер и оптика“ рече Мирчевски, додавајќи дека сега имаме неколку портали кои функционираат исто како и телевизиите, не зрачат 24 часа, но произведуваат телевизиска програма.

Тој побара веб-порталите кои вршат емитување на програма, да си подлежат под законот, да си плаќаат лиценца како што плаќаат и телевизиите и да се пронајде формулата каква ќе биде таа лиценца и колку ќе биде висока, а ваквите портали да бидат регистрирани и пријавени во институциите.

Не постои никаква агенда при изработката на законските измени, изјави Дидрe Кевин – тим лидерка на проектот на ЕУ за слобода на изразување во С Македонија. Таа заедно со други експерти е ангажирана од ЕУ за да ги подготват законските измени за усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

Кевин рече дека навистина верува оти се потребни законски измени со кои ќе се регулираат и овие медиуми, но не во оваа фаза од законските измени што треба да се усвојат најдоцна до 31 мај. Како членка на експертскиот тим, објасни дека веќе почнале со втората фаза од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во првата фаза биле вклучени единствено законските измени кои значат усогласување со Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, која мора да се имплементира до 31 мај.

„Веќе е почната втората фаза, но за да извадиме предлози и измени на истиов овој закон, а можеби ќе биде нов закон, ние мораме да го разгледаме“, изјави Снежана Трпевска, која е исто така член на експертскиот тим.

„Не е пријатно да слушнете дека некој не верува во вас и да ви кажува дека имате некаква агенда“, рече таа. Проектот има за цел да изработи анализи и да предложи законски измени, заедно со сите субјекти комплетно за целиот медиумски простор за сите прашања.

„Имаме рок како земја да го усвоиме тој закон. Прво беше рокот 15 декември, немаше шанса да стигнеме и Европската Комисија го одложи рокот до 31 мај. Ние го сработивме веднаш тој документ што беше потребен за да може овие измени да отидат во парламент. Другите работи не можеа да се сработат за да се стигне сè да се направи до 31 мај“, рече Трпевска.

Директорката на ТВ Телма Снежана Лупевска рече дека е многу несериозно за една држава да признаеме дека сме дошле до краен рок за да се добијат средства од фондовите и сме чекале до крајниот рок за да направиме расправа за еден многу важен закон кој опфаќа многу работи. Таа вината за ова ја впери кон министерството и сите оние кои се засегнати со измените во овој закон.

Лупевска побара да се достави агенда, до 31 мај, да се усвои она што е итно за усогласување со директивата, меѓутоа да се даде уверување дека до јуни ќе се заврши втората фаза за измените на ЗААВМУ, која што сега во април се почнува.

Снежана Трпевска како членка на експертскиот тим рече дека целиот проект на ЕУ завршува формално во септември и нивниот план во јуни годинава е да се одржи голема работилница каде сите ќе бидат поканети за да се разговара за конкретните предлози и решенија за другите прашања за законските измени. Тогаш ќе бидат завршени и анализите за компонентата пазар, јавен сервис, новите технологии, за јакнење на регулаторот и за правата на новинарите во однос на законските измени.

„Во јуни ќе дискутираме за преостанатите законски измени кои се во интерес на телевизиите“, изјави Трпевска.

Јани Бојаџи од телевизија Алфа рече дека во Македонија не постои телевизиски пазар и телевизиска индустрија, а законските измени смета дека се со цел да се исполнат некакви рокови. Тој рече дека експертскиот тим треба да се соочи со реалноста и да се прифатат законските измени кои ги предлагаат телевизиите за да можат да опстанат и да има после две години што да се регулира.

„Во спротивно, ако вака продолжи, за две години нема да има пет национални терестријални телевизии“, рече Бојаџи, додавајќи дека телевизиите пропаѓаат.

Дидре Кевин рече дека некои медиуми можеби ќе згаснат, но и дека многу е тешко да се осигура оти сите овие медиуми ќе преживеат засекогаш. На долг рок, медиумските реформи и промените на законите, вели таа, нема да ги решат проблемите на сите, а истото тоа се случува и во другите земји.

„Ве молам немојте да зборувате дека постојат некакви заговори, тоа е навредливо“, рече Кевин, додавајќи дека експертскиот тим, заедно со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), се целосно посветени заедно да ги решат прашањата во врска со законските измени.

Иван Мирчевски ја пренесе забелешката на ММА и побара во членот 45 од ЗААВМУ да се уфрли дополнение со кое Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ќе има право да забрани реемитување, доколку Агенцијата констатира реемитување на одреден програмски сервис на територијата на Македонија што ги повредува авторските и сродните права.

Иван Мирчевски исто така истакна дека ММА бараат да се избрише членот 102 од ЗААВМУ, бидејќи не може да се постигне договор и оти сметаат дека е најдобро да се избрише забраната за владино рекламирање, бидејќи сметаат дека не постои друга европска земја каде што постои ваква забрана.

Тој побара со оваа фаза од измените на ЗААВМУ да се избрише овој член.

„Сите овие прашања веќе ги разгледуваме и веќе тече втората фаза. Во оваа фаза, овие прашања не треба воопшто да се менуваат. Оваа верзија е само за усогласување со Директивата на ЕУ“, објасни Снежана Трпевска од експертскиот тим, додавајќи дека во моментов работат на анализи и документи што ќе ги добијат и телевизиите како решенија за кои ќе се разговара.

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) поднесе неколку предлози до МИОА и до експертскиот тим. Па така, ААВМУ бара воведување на нов член 21, во делот на обезбедување на аудиовизуелни медиумски услуги по барање од страна на физички лица. ААВМУ планира да го уреди овој сегмент со подзаконски акт, посочувајќи дека во земјите од ЕУ физичките лица кои креираат и ги прикачуваат на сопствените страници – инфлуенсери и блогери, се сметаат за донатори на аудиовизуелни медиумски услуги.

Кога ќе се исполнат одредени критериуми – број на следбеници и претплатници и минимален број на прикачени видеа во текот на годината од страна на комерцијални комуникации или во замена за добра и услуги, вели Трајчевски, тие треба да се регистрираат во Регистарот на даватели на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на барање, со што за нив почнуваат да важат одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и стануваат предмет на надзор.

„Потребно е да се утврдат вaкви критериуми со подзаконски акти“, рече Трајчевски.

Директорот на ААВМУ побара да се додаде и нов член 31 со законските измени, кој се однесува на медиумите. Па така, со влегувањето во сила на овој закон, важноста на постоечките дозволи за радио и телевизиски емитување, чие времетраење е 9 години, да се продолжи за период од три години. Причината за ваквото нешто е што на најголем дел од телевизиите, дозволите им истекуваат на крајот на декември и на 5 јануари 2024 година, рече тој.

Досегашниот закон има несреќна одредба дека Советот на ААВМУ има право да ги продолжи дозволите, меѓутоа треба да оцени каков бил придонесот на радиодифузерите за изминатиот деветгодишен период во развојот на доприносот на плурализмот, што е филозофско прашање и остава субјективност на Советот ако сака, слободно на кого сака или не сака да му ги продолжи дозволите, додаде Трајчевски.

„Немаме таква намера да носиме паушални одлуки, предлагаме овој период да се продолжи на три години и во втората фаза од изработката на измените на Законот да се утврдат јасни критериуми со кои ќе овозможат на ААВМУ ако треба да изработи подзаконски акт во коишто јасно ќе им се укажат правилата по коишто радиодифузерите ќе можат да им бидат продолжени дозволите, ако ги исполнуваат условите“, рече Трајчевски.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми рече дека не постои регулатива со која што ќе може да се внесат средства, за да може да биде одржлив медиумскиот пазар и субјектите кои функционираат во негови рамки. Не може да се очекуваат медиумски реформи, со кои ќе се зачува постојната состојба.

„Некакви болни резови ќе мора да има и затоа и јас сакам да споменам дека една од основните работи е нашата политика на доделување на дозволи. Таа целосно мора да се смени, мора да се смени што поитно, затоа што сегашните дозволи сите истекуваат или на крајот на декември, а најголемиот број од нив на 4 јануари“, вели Георгиевски.

Тој додаде дека регулаторот треба да направи анализа, времето истекува, додавајќи дека не сака и во наредните девет години да заглавиме со ваква медиумска сцена во Македонија. Георгиевски посочи дека на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги му е потребна целосна ревизија.

„Ние треба да размислуваме сега кога носиме закони за ситуацијата барем во 2030, оти ако размислуваме како би била идеалната ситуација во 2003 година, сево ова е напразно“, рече тој.

Од Агенцијата за филм на јавната расправа рекоа дека имале макотрпен пат уште од  кога станале дел од МЕДИА потпограмата на Креативна Европа на ЕУ. Тие алармирале уште пред потпишувањето на договорот дека се доцни со процесите со законските измени.

„Апсолутно не се согласувам дека Креативна Европа, односно МЕДИА потпрограмата е насочена поддршка каде што ЕУ дава директиви на кои правни лица ќе им се доделат средства. Тоа е отворен систем и како Агенција за филм сме единствено техничка поддршка и секогаш сме отворени за давање информации“, рече претставничката од Агенцијата за филм.

Таа го поздрави усогласувањето на Законот за ААВМУ со европската директива за да не се изгуби пристапот до средствата од Креативна Европа, не само за потпрограмата МЕДИА, туку и за меѓусекторскиот дел.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу рече дека сите коментари и препораки дадени од субјектите ќе бидат разгледани во текот на законските измени. Алиу рече дека кога се доаѓа на дискусија не е важно само да говориме, туку и да сакаме да се сослушаме едни со други.

Министерот ја посочи приоритетната цел на работната група, да се изработи предлог на Закон усогласен со барањата дефинирани во Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ од 2018 година.

Тој рече дека со измените, меѓу другото, се предвидува создавање на правна рамка која ги опфаќа сите услуги што нудат аудиовизуелни содржини, без разлика која технологија се користи за пренесување на содржините.

Дополнително, потребата за усогласување на националното законодавство со Директивата за АВМУ е поврзана и со учеството на Северна Македонија во програмата Креативна Европа на Европската комисија.

„Целите коишто се поставени од страна на Европската Комисија се и наши приоритети: Нашата држава до 31-ви мај треба да се усогласи со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги и ние силно и посветено работиме за да ја исполниме таа цел”, истакна министерот Алиу.

Инаку, евроамбасадорот Дејвид Гир веќе јавно предупреди дека земјава ќе го изгуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини на ЕУ, каква што е програмата „Креативна Европа“, ако до 31 мај Северна Македонија не ја усогласи својата законска регулатива со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ. Следно на потег е Собранието на РСМ, каде што измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба допрва да се разгледаат од страна на пратениците.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај