More

    Се случува ли „орбанизација“ на Македонија?

    Мицкоски прави сѐ што Пленковиќ му порача вчера дека не е од корист за државата, а со предлогот за хрватскиот модел“ ја враќа 2001 година во Македонија

    Премиерот на земјата што најбргу влезе во ЕУ и која експресно стана дел од Шенген и евро зоната, Андреј Пленковиќ, проба вчера дел од тоа искуство да го пренесе во Македонија, во смисла – ова што ви го кажувам е реалноста, а не теориите за членството во Европската унија. И, многу се намачи да ја прати таа порака во политичките кругови во земјата и во јавноста, остварувајќи средби со сите што можат да имаат влијание на одлуката.

    Главната порака на Пленковиќ беше дека Хрватска е држава пријател, која ни помага масивно и, наспроти други искомплексирани членки на ЕУ, нема намера да калкулира и да нѐ условува. Покрај тоа тој прати уште четири други важни пораки. Првата беше дека сака Хрватите да влезат во Уставот како што Македонците се дел од хрватскиот и ние треба да имаме разбирање, место да ги кочиме уставните промени. Втората порака беше дека Хрватска беше една од земјите, како претседавач во ЕУ, која работеше напорно да се најде решение за преговорите на Македонија и дека е горда на тој успех, по кој пак ние фрламе дрвја и камења и сме неблагодарни за напорите.

    Третата порака беше дека не е убаво самите да се блокираме и сите во ЕУ да го забележат тоа, блокирајќи си го наедно пристапот до помошта и фондовите што, од негово искуство, покажале дека ќе ни го забрзаат развојот место банкротот. Четвртата порака на Пленковиќ беше дека Хрватска немаше да го постигне тоа што го постигна, а што не им успева на Бугарија и на Романија иако станаа членки порано, ако сите политички сили не се договорија да ја остават настрана евроинтеграцијата од меѓусебните политички препукувања.

    Што доби од Македонија како одговор?

    Го доби „хрватскиот модел“ на Христијан Мицкоски што не го поддржа ни хрватскиот премиер, а што му служи само за да го натера владејачкиот СДСМ да каже дека не го прифаќа, што би пратило порака дека СДСМ е против Устав во кој Македонија ќе биде на Македонците, а сите други ќе бидат само малцинства. Поедноставно кажано, додека сите што се мачеле да ни го отворат патот за преговори молат да не се блокираме самите, тој си прави партиски рејтинг во пет до дванаесет. Нуди решение што не е решение, па и да не е така, настапува како само ВМРО-ДПМНЕ да е таа која има право да лицитира со моделите, а сите други треба да „земат, или остават“.

    Практично, Мицкоски прави сѐ што Пленковиќ му порача дека не е од корист за државата, а со оваа најнова политичка игра ја враќа 2001 година во Македонија. Идејата е – доста стоиме во место, да одиме сега и тоа назад! – бидејќи токму таквиот Устав беше причина за војната во Македонија. По Преспанскиот договор, по францускиот предлог, по договорот со Бугарија, сега сака да го преговара одново и Охридскиот рамковен договор.

    Она што е пострашно е дека околностите се менуваат, а во ВМРО-ДПМНЕ не го гледаат тоа. Откако и пријателскиот ХДЗ не ја разбира веќе политиката на ВМРО-ДПМНЕ, следни што ќе дојдат ќе бидат единствените политички пријатели што им преостанаа, Унгарците, бидејќи и Виктор Орбан има силен интерес Македонија да стане земја членка на Унијата, и заради нас и заради себе. Мицкоски го демантираат и настаните во Бугарија, каде што последните избори покажаа дека бугарското општество оди во ретрограден правец и дека расте поддршката за проруските, националистички и автократските структури, со што растат шансите претседателот Румен Радев да стане Орбан во Бугарија.

    Реално, на Мицкоски тоа му одговара политички, бидејќи и самиот со својата политика оди во таа насока, но тоа ќе биде поразително за Македонија, бидејќи губат основа неговите очекувања дека ќе испреговара подобар „француски предлог“ од овој што го имаме на маса и бидејќи ЕУ ќе почне да се прашува – и треба ли воопшто ваква нова земја членка? Неблагодарна за помошта, која плаче за автократија, чие јавно мислење се билда во правец на Русија, која не прави разлика што ѝ е во интерес а што не ѝ е, и која го става клиентелизмот, популизмот и национализмот пред модернизацијата на општеството. Таква Македонија и таква Бугарија можат да се разберат само за криминал и корупција, а за спорот повеќе ќе им одговара да го ескалираат отколку да го решаваат.

    Тоа што сите странски преставници ни велат дека разбираат зошто сме исфрустрирани, исто така не е изговор на кој ќе може вечно да се шлепа незрелата политика во Македонија. И тие што сосема малку ја разбираат состојбата во државата гледаат дека имаме проблем со Бугарија не зошто сме загрозени воено или политички од Софија, не зошто таа е толку моќна во ЕУ па нон-стоп ќе не блокира, туку затоа што сто околу илјади наши граѓани потпишаа дека се Бугари, и тој број сега му се заканува на правниот систем на државата.

    Уште покарикатурално, пак, деновиве изгледа повикувањето на хрватскиот модел од ВМРО-ДПМНЕ кога сите А.лбанци во државата мавтаат со резултатите од последниот попис  кој  извади поразителни бројки за Македонците, бидејќи Мицкоски  и Апасиев активно повикаа на бојкот, така што ни ден денес не може да се најде логично објаснување на ваквиот маестрално глупав потег.

    И откако сега признава дека направил грешка со изборот на Данела Арсовска, и откако веќе се гледа дека направи катастрофална штета со бојкотот на пописот, кој не само што се одразува на балансерот за државни вработувања, туку сега ќе влијае и на можните промени на Уставот, кој може да гарантира дека не прави уште една грешка изживувајќи се со одлуката за преговори со Европската унија? Додека си игра политика со нереални предлози и чека времето за него да сработи…

    Извор: nezavisen.mk

    Exit mobile version