Последни написи

Промените на македонскиот Устав не може да бидат „копи-пејст“ на хрватскиот Устав

Секоја држава треба да ги утврдува своите национални интереси во најважниот државотворен акт – Уставот, според општествената реалност. Сѐ друго е одење по жица над провалија, без сигурносно јаже околу појасот.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

„Зошто молчи СДСМ и ДУИ на предлогот на Христијан Мицковски, промената на македонскиот Устав да биде по теркот на хрвтаскиот Устав, според кој Хрватска е национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства…“ прашува ВМРО-ДПМНЕ?

Веројатно затоа што некои прашања не заслужуваат одговор!

Дали Мицкоски навистина би гласал за промена на Уставот по хрвтаскиот модел и би го вратил времето во Македонија назад? Секако дека не!

Тоа што Мицкоски сега го прави е играње со бројки во процедурата за промена на Уставот, сакајќи да покаже дека владеачкото мнозинство нема 80 пратеници ниту за првата фаза од промената на Уставот.

Оттаму и неговата подготвеност да го застапува хрватскиот модел во Парламентот кога за тоа ќе има „услови“.

Но, во суштина станува збор за извртување на идејата за проширување на листата на делови од народ кои се веќе во Преамбулата на македонскиот Устав, а за што во јавниот дискурс беше земен примерот на Преамбулата од хрватскиот Устав.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина има предлози за тоа како да се изведе промената на Уставот, а меѓу кои е и овој што лидерот на партијата го наведува, може официјално да ги достави до Работната група (која е во фаза на формирање), или уште подобро да партиципира со свој член во работата на ова ад хок тело.

Дали тоа ќе биде прифатено од страна на другите членови на Комисијата е едно прашање, а друго е како тоа ќе биде примено од страна на политичките субјекти во земјата кои на крајот на краиштата ќе треба да се произнесат во Собранието.

Но „подготвеноста“ на Мицкоски „уште утре“ да се гласа за таква преамбула во која Албанците и другите делови од народ би се „вратиле“ во категоријата малцинства, веќе предизвика контра реакции од страна на некои политички партии на Албанците, како и кај одредени интелектуални кругови во албанскиот блок.

Со тоа наместо одговори на кои инсистира Мицкоски, се зголемува бројот на прашања што можат да му се упатат и нему. Како тој ќе одговори на овие предлози на Алтернатива државата да се дефинира како „држава на македонската нација, албанската нација и други етнички заедници“, или пак да биде „држава на нејзините граѓани“ и да нема никакви етнички атрибути.

Владејачката Алијанса за Албанците му возврати на ВМРО-ДПМНЕ дека „времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија е завршено“.

„Решението што го нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти“, велат од Алијанса за Албанците.
Значи одговорите на прашањата што Мицкоски ги упати до СДСМ и до ДУИ, стигнаа од друга адреса. Имено не се само Ковачевски, Мицкоски и Ахмети надлежни за вакви прашања за кои Мицкоски наводно е спремен уште утре да ги „реши“.

Но во секој случај, ПР службата на ВМРО-ДПМНЕ се покажа уште еднаш во вистинската препознатлива светлина на собирање национални поени пред делови од македонскиот народ, кој може дури и да поверува дека оваа политичка партија тоа сериозно и ќе го направи.

Секоја држава ги уредува работите во Уставот според состојби што произлегуваат од реалноста

Инаку за воља на вистината идејата не беше да се преслика хрватскиот Устав буквално, во целост, туку да се пресликаат оние елементи кои усшешно би се примениле на македонските прилики. Македонија нема потреба да копира туѓи уставни решенија кои не кореспондираат со нашата реалност. Дотолку повеќе што Македонија е суверена држава која самата си ги носи одлуките за своето внатрешно уредување, не срамејќи се да користи и туѓи искуства по одредени прашања, ако за тоа има потреба.

Што се однесува до Хрватска, таа си има своја историска и политичка позадина што придонела за повеќекратно менување на преамбулата, како одраз на некоја нова реалност што во меѓувреме се случила.

И ако сакаме да споредуваме според некоја слободна паралела која може да се извлече испаѓа дека има обратен ред на промени од македонскиот историски континуитет.

Хрватска во својот Устав од 1963 говори за братсво и единство на Хрватите со Србите во НОБ и во социјалистичкта револуција.

Подоцна, во 1990 Хравсткиот Сабор прави промена на Уставот, во кој во Преамбулата стои дека Република Хрватска се конституира како национална држава на хрватскиот народ и како држава на другите народи и малцинства кои се нејзини државјани: Срби, Муслимани, Словенци Чеси, Словаци, Унгарци, Евреи и други, на кои им е загарантирана рамноправност. Значи тогаш Хрватска одважно говори за други народи и малцинства, наведени погоре.

Но веќе по воениот конфликт во деведесеттите со распаѓањето на Југославија и по т.н. Домовински рат, Хрватска прави уште една промена на Уставот и во новата Преамбула се бришат „другите народи“ и останува да биде Национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Србите, Чесите, и уште 20 други меѓу кои и Македонци, Бугари, Албанци и други.

Нема потреба да се копираат туѓи уставни решенија

Македонија историски и политички имаше понаков внатрешно политички состав и поинаков историски од.

Кај нас Уставите од 1974 како и оној од 1991 се слични со оној последниот на Хрвстска.

Во Уставот од 1974 Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа…

Или во Уставот од 1991 во кој Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија. (Категоријата националност беше замена за терминот малцинство.)

Додека Уставот од 2001 е на некој начин сличен со Уставот на Хрватска од 1990 каде во еден дел се говори за национална држава на хрватскиот народ и како држава на другите народи

Имено во 2001, по конфлктот во Македонија се менува Преамбулата и сега стои:
Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина….и т.н.

Имено нашиот воен конфликт резултираше со помалку последици во стварноста од оние низ кои мина Хрватска, но со поголеми демократски „жртви“ што мораа да се платат за мир, стабилност и просперитет на државата.

При тоа треба да се има предвид и различната етничка структура на населението во Хрвстска и онаа во Македонија.

Србите за кои толку многу се говори дека се избришани од хрватскиот Устав како државотворен натрод, и натаму се најголема етничка малцинска заедница во Хрватска, но со 3,2 проценти според пописот во 2021 година. И со децении наназад се движат меѓу 4,4, и 4,5 проценти, а дури и пред војната 1991, кога биле најмногубриојни претставувале 12,2 проценти од вкупното население.

Разликата е видлива кога станува збор за етничкиот состав во Македонија. Кај нас само Албанците се 24,30 проценти, додека останатите се Турци 3,86, Роми 2,53, Срби 1,30, Бошњаци 0,87, Власи 0,47 и други 1,03.

Се разбира дека споредбите се делумно неумесни, но ако најбројната етничка заедница во Хрватска брои осум пати помалку од нашата најбројна, тогаш Хрватска може „да си дозволи“ да ги нарекува малцинство сите оние кои се во рамките на тој праг.

Замислете каков би бил хрватскиот устав ако Србите беа 25 посто и како Србите ќе се однесуваа ако беа во толкав број.

Затоа, секоја држава треба да ги утврдува своите национални интереси според реалните состојби на теренот и според можностите кои и стојат на располагање.
Сѐ друго е одење по жица над провалија, без сигурносно јаже околу појасот.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај