More

    Полиграф: Кој дезинформираше дека киднапер намамувал деца кај средното музичко училиште во Скопје?

    Неодамна, една дезинформација дека киднапер намамувал деца кај средното музичко училиште во Скопје се прошири на социјалните мрежи.

    На 22.03.2023, и порталот „Скопје24“ објави наслов „Се шири апел: Киднапер намамува деца во училиште со објаснување дека го пратиле родителите?!“.

    Во текстот е објавена фотографија од објава на социјални мрежи со тврдење дека „се работи за киднапер на деца“ и укажување дека „Засега нема никакви официјални информации за ваков случај од МВР“.

    Но, истиот ден, на 22.03.2023, МВР најостро ги демантираше „лажните вести кои денеска се проширија по социјалните мрежи во врска со наводен киднапер, кој наводно се движел околу средното музичко училиште во Скопје“. Во демантот на МВР стои дека „Ниту има пријава за такво лице до полицијата ниту има пријава дека некое лице е киднапирано.“

    МВР извести и дека „Пласирањето на ваквите лаги е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, а за жал зачестено се пласираат последниов период. Лицето кое ја пласираше оваа лага ќе биде повикано во полициска станица и до надлежното обвинителство ќе биде поднесен соодветен поднесок против него“.

    И Вистиномер на 26.03.2023 објави напис: „Дезинформација е дека имало киднапер во средното музичко училиште во Скопје“. „Иако, медиумите се должни да објавуваат проверени информации, за жал во овој случај постот е пренесен без никаква дополнителна проверка… Социјалните мрежи може да бидат појдовна основа новинарите да вршат проверки на информациите, но не и да објавуваат вести без проверка.“, пишува Вистиномер.

    Овој случај покажува дека и медиумите, но и граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни, и да не шират непроверени информации на социјалните мрежи кои може да предизвикаат паника, вознемиреност, страв и несигурност кај граѓаните.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version