Последни написи

Не е точно дека невакцинираните деца се екстремно поздрави и попаметни од вакцинираните

Нема никакви научни докази базирани на истражувања од кои може да се извлече заклучок дека децата не треба да се вакцинираат или дека невакцинираните деца се поздрави и попаметни од вакцнираните. Вакцините спречуваат заразни болести, немаат никаква врска со интелигенцијата на детето. Во објавата е спомнат и Трамп, иако тој никогаш не заземал став против вакцинирање, напротив, тој јавно го поддржа вакцинирањето против ковид-19 и во интервју во 2021 година изјави дека вакцината функционира

 

 

Објава  на Фејсбук тврди дека доколку не ги вакцинирате бебињата и децата, тие ќе бидат екстремно паметни и здрави. Ова е манипулација.

03.04.2023

Напред Трамп. Q

(НЕ ги вакцинирајте бебињата,ниту децата)

Ќе имате ЕКСТРЕМНО ПАМЕТНИ И ЗДРАВИ деца.

А тоа е удар за системот, пишува во постот.

Објавата којашто е предмет на оваа рецензија, манипулативно прави корелација помеѓу вакцинирањето и децата. Па така се тврди дека оние коишто нема да ги вакцинираат децата и бебињата ќе имаат екстремно здрави и паметни деца, аналогно на тоа – оние коишто ќе ги вакцинираат нема да имаат такви деца.

Ова е целосна манипулација.

Вистина е дека секоја една вакцина  што ја примаат бебињата и децата, спречува некоја конкретна болест. И децата кои ќе ги примат сите задолжителни вакцини ќе бидат заштитени од болести кои што пред вакцините предизвикувале голем број на смртни случаи и кај бебиња и кај повозрасни дечиња. Но, тоа не значи дека децата не може да се разболат од нешто сосема друго. Постојат разни други болести за кои нема вакцина, а од нив може да се разболат и возрасни и деца.

Најголем ризик по здравјето на децата е тие да не бидат вакцинирани. Обратно од тоа што тврди текстот. Многу поверојатно е децата да се разболат, па дури и со потешки последици ако не се вакцинирани отколку ако се вакцинирани.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Исто така, нема никаква логика тврдењето дека вакцинацијата влијае на тоа дали децата ќе бидат паметни или не. Вакцините спречуваат заразни болести, немаат никаква врска со интелигенцијата на детето. Нема никакви научни докази базирани на истражувања кои го потврдуваат тврдењето дека дете коешто е невакцинирано е попаметно од дете коешто е вакцинирано. Ова е тотална лудост.

Постојат повеќе студии кои ги испитуваат разликите во здравјето и развојните исходи меѓу вакцинираните и невакцинираните деца и тие студии не детектираат несакани ефекти кај вакцинираните деца. Студија од 2004 година покажува дека нема врска меѓу вакцините и застојот во развојот.

Друга студија покажува дека децата кои се вакцинирани во првата година од животот имале подобри когнитивни тестови. Слично, вакцината против сипаници во земјите како Етиопија, Индија и Виетнам се поврзува со подобри резултати на когнитивните тестови.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Целта на имунизацијата, против која било болест, е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себеси, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата не смее да прими вакцина, како на пример лица болни од одредени болести или оние кои што имаат компромитиран имун систем, па така, тие зависат од останатите, кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се спречи ширењето на болестите.

Во објавата е спомнат и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, иако тој никогаш не заземал став против вакцинирање, напротив, тој јавно го поддржа вакцинирањето против ковид-19. Во 2021 година, во интервју тој изјави дека вакцината функционира.

Резултатите од вакцината се многу добри, и ако добиете ковид, ќе биде во блага форма…

Оние кои многу се разболуваат и одат во болница се оние кои не ја земаат својата вакцина. Но, тоа е сепак нивен избор, и ако ја земете вакцината, вие сте заштитенирече тој.

После неколку месеци тој потврди дека примил и бустер доза на вакцината.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека децата не треба да се вакцинираат или дека невакцинираните деца се поздрави и попаметни од вакцнираните.

Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да наштетат на здравјето на децата но и на колективното јавно здравје.

Извор: vistinomer.mk

Latest Posts

Не пропуштај