Последни написи

Експерти од граѓанските организации на панел дискусија за говорот на омраза со студентите по право

Здружението на студенти по право-ELSA Северна Македонија, кое во последно организираше неколку настани со актуелни теми од граѓанското и кривичното право, денеска во просториите на Млади Хаб ја одржа панел дискусијата „Говор на омраза- што е тоа?“

Панелисти на настанот беа Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници, Тона Карева од Хелсиншки комитет за човекови права и Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА.

На студентите по право им беа презентирани повеќе дефиниции за говорот на омраза, меѓународната и домашната легислатива поврзана со говорот на омраза, аспектите на медиумската регулација и саморегулација и состојбата со говорот на омраза во јавната комуникација, како и покаректеристични случаи на говор на омраза на кои работеле граѓанските организации чии претставници говореа на дискусијата.

Панелистите им ги доближија на студентите своите знаења за темата преку примери од секојдневните случувања, со што тие добија корисни информации за состојбата со говорот на омраза во земјава.

Македонското општество е поделено и поларизирано по повеќе основи, говорот на омраза е во пораст, а справувањето со него се одвива со предизвици, особено кај  правосудните институции што треба да ги спроведуваат законите. Иако се забележува напредок во оваа сфера, граѓанските организации забалежуваат дека има случаи на селективно постапување – на пример, случаите за говор на омраза кон политичари добиваат епилог далеку побргу од случаите каде жртви се други граѓани.

Како подоминантни форми на говор на омраза во земјава, експертите ги посочија политичкиот говор на омраза, говорот на омраза врз основа на етничка, верска и расна припадност, говорот на омраза врз основа на род и сексуална ориентација, како и говорот на омраза кон мигрантите. Социјалните мрежи беа посочени како главни платформи на кои се споделува говор на омраза во јавната комуникација.

За поуспешно справување со овој негативен феномен, панелистите укажаа дека е потребна подоследна и понеселективна примена на законите, поажурни институции, но и поголема одговорност и на медиумите и на граѓаните.

На подолг рок е потребна и правна и медиумска едукација на граѓаните, кои според истражувањата во најголем дел не умеат да препознаат што е точно говор на омраза, ниту пак знаат каде и на кој начин да се обратат доколку сакаат да пријават говор на омраза.

По  излагањето на предавачите се отвори плодна дискусија на која активно учество земаа дел од присутните студенти по право.

Latest Posts

Не пропуштај